Состанокот на Северноатлантскиот Совет и на Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО заврши со заедничка прес-конференција на претседателот на Владата на РСМ Зоран Заев и на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, на која информираа за темите од состанокот.
Премиерот Заев на конференцијата за медиумите истакна дека е голема честа и привилегија што беше одржан овој заеднички состанок, на кој претставниците на Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и амбасадорите на земјите членки на НАТО во Северноатлантскиот Совет го разгледаа напредокот што земјата го прави на патот кон полноправно членство во алијансата.
„Нашата национална структура за интеграција во НАТО неуморно работи на постигнување на неопходните резултати во согласност со Програмата за продолжување на реформите. Посебен акцент е ставен на постигнувањето на највисоко ниво на институционална подготвеност кога Северна Македонија и официјално ќе биде промовирана како 30-та полноправна земја членка“, истакна премиерот Заев на прес-конференцијата.
Премиерот Заев нагласи дека Владата на Република Северна Македонија успеа да ги реши сите отворени билатерални прашања и да направи конкретен демократски напредок во општеството, особено во однос на владеењето на правото, на градење силни и функционални институции. Соодветни и неопходни чекори беа направени и за реформирање на разузнавачките агенции и на безбедносните служби на транспарентен и инклузивен начин, со домашни и меѓународни партнери и засегнати страни, кои повторно ја добија автентичната улога да бидат во служба на безбедноста и сигурноста на граѓаните и на интересите на земјата и нејзините сојузници.
„Република Северна Македонија станува интегрален дел од трансатлантската заедница. Подготвени сме за нов почеток, како полноправна членка, и како сигурен и веродостоен НАТО сојузник, цврсто посветен на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорности на НАТО“, потенцираше претседателот на Владата на РСМ Заев и додаде дека ратификацијата на Протоколот за пристапување во националните парламенти на земјите-членки се одвива со забрзано темпо.
„Самитот на НАТО во декември 2019 во Лондон го гледаме како одлична можност симболично да ја одбележиме завршницата на процесот на членство во НАТО на 70-годишнината од основањето на алијансата со официјално добредојде на 30-тата земја-членка. Но, нема да има суштинско значење доколку процесот на ратификација заврши во почетокот на 2020, односно станеме полноправна членка во првите месеци од следната година“, рече премиерот Заев.
На прес-конференцијата со Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, премиерот Заев нагласи дека Северна Македонија останува посветена на промовирање на регионалниот дијалог и на соработка со сите соседни земји. Воспоставувањето на силно партнерство меѓу соседите е основа за регионалната безбедност и стабилност, кон што се приклучува и нашето пристапување во ЕУ, како суштински и сигурен партнер на НАТО.
„Нашата земја доби уште една препорака од Европската Комисија, овој пат без ниту еден услов. Очекуваме позитивна одлука од Советот на ЕУ за да ги започнеме преговорите за пристапување во членство во ЕУ. Направивме историски пробив за само две години. Голема заслуга за овој огромен успех им должиме на нашите пријатели, земјите членки на НАТО и на ЕУ“, истакна премиерот Заев и изрази посебна благодарност до Генералниот Секретар Јенс Столтенберг кој цело време даваше поддршка и охрабрување во овој процес.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во својот дел од изјавата пред новинарите оддаде признание за напредокот на земјата, констатиран и на состанокот на Северноатлантскиот Совет со Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и додаде дека овој прв историски состанок на советот во Скопје беше искористен за да се поразговара и за идните теми за соработка на мисиите посветени на меѓународната мир и стабилност.