Петтата од серијата јавни дискусии за претставување на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“ се одржа денес во Кавадарци. На дискусијата учествуваа и говореа државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, директорот на Дирекција за заштита и спасување, Аднан Џафероски, првиот извршен директор на Македонски центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, како и медиумскиот работник Љупчо Бубо Каров. Дискусијата ја проследија претставници од граѓанскиот сектор, невладините организации, како и локалната самоуправа и медиумите.
Во воведното обраќање на државниот секретар на МТСП, Јована Тренчевска, беше нагласено дека првиот чекор кон концептот за еднаквост и недискриминација, е прифаќањето, признавањето на различностите и дијалогот. Социјалната правда е основата на секое здраво и напредно општество, а Тренчевска ги посочи и реформите кои веќе се спроведуваат за социјална и детска заштита, кои ќе им помогнат на најранливите граѓани, со тоа што ќе се овозможи нивна инклузивност и намалување на сиромаштијата.
„Секое дете ни е важно и заслужува еднаков старт во животот. Со социјалната реформа, односно со Законот за детска заштита, правото на користење на детскиот и образовниот додаток го проширивме и на семејствата со минимални месечни примања. Со тоа, за 20 пати се зголемува опфатот на деца коишто ќе ги примаат овие додатоци, односно образовниот и детскиот додаток“, истакна Тренчевска.
Државниот секретар на МТСП, Јована Тренчевска, ги посочи и новите закони и реформи кои ги опфаќаат и старите лица, како и процесот на деинституционализација во згрижувањето на лицата со ризик.
Како едни од клучните поими за градење на еднакво општество, директорот на Дирекција за заштита и спасување Аднан Џафероски, ги потенцираше заедничките вредности, права и можности кои секој граѓанин треба да ги има, без разлика на етничката или каква било припадност, бидејќи правата и обврските во општеството се исти за сите, нагласувајќи дека национализмот и омразата се сериозни болести за секое општество.
„Наш императив треба да е враќањето на слободата и демократските процеси, а мултикултурализмот да биде вредност во нашето општество. Не смееме да дозволиме општество во кое ќе бидеме вреднувани по некаков етнички клуч, процент или квота. Ако сакаме да се познаваме и да имаме меѓусебна доверба, треба да почнеме да живееме еден со друг, а не еден покрај друг“, порача Аднан Џафероски.
Првиот извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски, се осврна на она што најмногу создава поларизација на општеството, а тоа е партиската припадност, забележувајќи дека дискриминацијата и говорот на омраза во однос на политичката ориентираност во македонското општество, постојано е присутна и доминанта.
„Ако ја велиме „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“, тоа автоматски значи вклучување на сите, вклучително и опозицијата. За да биде поддржана од сите, сите треба да бидат вклучени во нејзината изработка“, нагласи директор на МЦМС, во однос на потребата од инклузивност на политичките партии.
Во својата дискусија, Љупчо Бубо Каров, го идентификуваше поединецот како главен елемент, кој што треба да се едуцира и да го даде својот индивидуален придонес.
„Ако ние поединечно сфатиме и ако знаеме како треба да се однесуваме, и ако направиме обиди да им помогнеме на оние што живеат оптоварени со стереотипите од минатото, да ги исфрлат тие работи, и ако со сите луѓе разговараме и се слушаме еден со друг, ќе ја поставиме основата на сето ова да успее и за општеството да функционира“, потенцираше Бубо Каров.
Следната јавна дискусија за Стратегијата е во Куманово на 7 јуни.