Еко-градинки, проект за јакнење на еколошката свест кај децата

Подигање на свеста кај децата за одржлив еколошки и финансиски развој и заштети има за цел Програмата која ќе почне да се спроведува во детските градинки, за што денеска Меморандум за соработка потпишаа министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и програмскиот директор на Здружението на граѓани „ОХО“ Александра Младеновска – Костиќ.

- Основната цел на Програмата е како градинките да станат еко-градинки, но и еколошка едукација на најмладите преку изработка на прирачници, сликовници, игри и слично. Програмата опфаќа секојдневна практична работа на воспитно-образовните институции. На овој начин ќе се подигне еколошката свест кај сегашните и идните генерации, за одржлив еколошки и финансиски развој и заштеди, потенцира по потпишувањето на Меморандумот министерот Ристовски.

Заштитата на животната средина, рече Ристовски, и досега беше опфатена во детските градинки, а со денеска потпишаниот Меморандум активностите ќе се подигнат на повисоко ниво.

Оваа програма се спроведува во сите основни и средни училишта во Македонија, а одсега ќе почне да се спроведува и во јавните општински установи - детските градинки.

Дека и до сега во градинките се спроведувале проекти кои имале за цел подигнување на еколошката свест кај децата се согласува и Младеновска Костиќ, но вели оти со имплементација на Програмата активностите ќе бидат организирани и со тоа ќе се постигнат поголеми резултати.

- Доколку сакате да ја смените свеста кај луѓето за одредена работа, тогаш најдобро е на тоа да почнете да работите од најмала возраст, рече таа.

Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем се спроведува со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за соработка и развој.