Ринкевич: Паралелни преговори на Македонија со ЕУ и со Грција, а веднаш членство во НАТО

Целосно и длабоко веруваме дека Македонија е подготвена веднаш да почне преговори за членство во Европската унија, изјави летонскиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевич по денешната средба во Рига со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

- Но, постојат пречки за тоа, а тие пречки на ниту еден начин не се однесуваат на тоа дека Македонија не успеала да исполни некој од предвидените критериуми  за членство, туку се чисто политички. Она за што ние предлагаме е модел на паралелни преговори, односно, преговори на Македонија за членство во ЕУ и преговори со Грција околу спорот со името, рече Ринкевич дополнувајќи дека официјална Рига се надева на прогрес во решавањето на разликите околу името, посебно во светло на пресудата на Меѓународниот суд за правда.

Летонскиот министер истакна и дека Македонија во целост ја изврши домашната задача кога се во прашање критериумите за  членството во НАТО, и изрази надеж дека што е можно побрзо тоа и ќе се случи.

- Меѓународниот суд на правда пресуди дека Македонија го има сето право на столче во НАТО клубот, но додека тоа не се случи ние ќе продолжиме да се однесуваме како де факто членка на Алијансата и да бидеме едни од најголемите придонесувачи во ИСАФ мисијата во Авганистан, истакна Попоски.

Што се однесува на ЕУ, по три последователни препораки од
Еврокомисијата за почеток на преговори, доделување датум за почеток ќе даде динамика на целиот процес на проширување, рече Попоски, додавајќи дека фактот оти иако од 2009 година ги исполнуваме сите критериуми ние не можеме да продолжиме со процесот го доведува во прашање кредибилитетот на проширувањето.

На средбата се разговараше и за билатералните,  политички и економски односи, посебно во делот на туризмот.

- Заклучивме дека има голем простор за подобрување на економската соработка, посебно во делот на трговијата и туризмот, со оглед на тоа што Македонија има многу што да понуди, потенцира Попоски.

Двајцата министри разговараа и за безбедносната ситуација на Блканот, како и за процесот на евроинтеграција на овој регион.

Попоски во рамки на посетата на Летонија имаше средби и со претседателот на парламентарната Комисија за надворешни работи Ојарс Ерикс Калинш и претседателот на Групата за меѓупарламентарна соработка со Македонија Едвардс Смилтенс, при што станало збор за билатералните односи, за зајакнување на парламентарната соработка, како и патот на Македонија кон ЕУ и НАТО. На средбите беше разменето искуство во процесот на евроинтеграциите, како и за можноста за примена на искуствата од Балтичкиот регион на Балканот.

Попоски одржа предавање и на Ригас Страдина Универзитот при што ги презентираше достигнувањата на земјата во евроатлантските интеграции, но и за пречките на патот.На Самиот на НАТО во Чикаго главна тема ќе биде иднината на Алијансата, мисијата во Авганистан, но не и проширувањето. Сепак тоа не е пречка, бидејќи на НАТО Самитот во Букурешт беше решено дека Македонија може да се приклучи кога и да го реши спорот кој го наметна Грција за името на земјата. Потребно е НАТО да се фокусира на долгорочните интереси, односно дека од членството на Македонија корист ќе имаат Алијансата, Грција, Македонија и целиот регион. Посебно поради пораката која ќе се испрати, а која е важна за кредибилитетот на процесот на проширување, дека кога ќе ги исполните критериумите се зачленувате во клубот. Меѓународниот суд за правда пресуди дека Грција во Букурешт ја прекрши Времената спогодба, но не секогаш правото и политиката одат рака под рака, рече Попоски, одговарајќи на прашање на учесниците, и изрази надеж дека сепак ќе надвладеат долгорочните интереси.