Вицепремиерот Анѓушев на инвестициски форум на Фајненшал Тајмс и ЕБОР во Лондон - Република Северна Македонија е атрактивна дестинација за инвеститори, огромни можности за соработка и со домашни компании

За подобрување на регионалната економска соработка, вицепремиерот Анѓушев подвлече дека е потребно да се работи на изградба на квалитетна патна, железничка и енергетска инфраструктура, а Владата на Република Северна Македонија спроведува низа активности во оваа насока.

„Инфраструктурата е битен предуслов за бизнисот и во моментов работиме многу на тоа поле. Имаме повеќе од 1 милијарда евра во отворени проекти за патишта на коишто работат домашни и странски компании. Ова е особено важно зашто поврзаноста со соседите е навистина битна. Задоволство ми е што можам да кажам дека имам 100% завршен автопат во насоката север – југ односно Коридор 10 и во овој момент работиме на тоа да го завршиме поврзувањето во насока исток - запад односно со Бугарија и Албанија. Тука се и експресните патишта чија изградба е во тек, како и железницата до Бугарија. Со Албанија го имаме и делот на автопатот од Кичево до Охрид што значи дека ќе има квалитетно патно поврзување од Скопје до Охрид, а Охрид е на 10 км од границата со Албанија. Кога станува збор за инфраструктурата, можам да кажам дека Северна Македонија, ќе биде на ниво на секоја друга европска држава за неколку години“, посочи Анѓушев.

Вицепремиерот презентираше дека потенцијалот за соработка помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство е голем, а компаниите од двете земји имаат многу можности да ја зголемат меѓусебната соработка.

„Доколку сакате да бидете инвеститор во Северна Македонија, имате модел кој споредбено со регионот, нуди најмногу поддршка. Ако сакате да најдете производи и да соработувате со компании од Северна Македонија, може да најдете многу квалитетни компании и често ова знам да го кажам, компании со европски квалитет, а ниски цени. Сметам дека ова е важно да се напомене. Токму поради тоа сметам дека минатата година го зголемивме нашиот извоз за 15% годишно“, подвлече вицепремиерот.

Анѓушев се осврна и на реформите во енергетскиот сектор, како и можностите кои се отвораат со донесување на новиот Закон за енергетика, усогласен со европските регулативи и директиви.
 
„Минатата година, во мај, усвоивме нов Закон за енергетика со кој ги отворивме вратите за обновливи извори на енергија, отворивме простор за фотоволтаици до 300 МW што за нашата мала држава и систем е навистина голема бројка. Исто така, зборуваме за ветерници, електрани на био-гаси био-маса и затоа сите инвеститори се добредојдени да ги истражат овие можности. Што се однесува до фотоволтаиците, нудиме модели со Премија, за ветерници и био-гас нудиме фидин тарифи. Тоа значи дека нудиме голема поддршка и сакаме да постигнеме највисоки нивоа на инсталиран енергетски капацитет во обновливи извори. Се надевам дека, бидејќи во моментов немаме повеќе од 150 MW инсталиран капацитет, ќе успееме да ја зголемиме оваа цифра за трипати во следниве пет години. Затоа, сметам дека ова е вистинско време да се дојде во Северна Македонија, да се истражат можностите за бизнис, без разлика во која насока, дали како инвеститор или како купувач на производи, но и да се разгледаат можностите за инвестирање во енергетскиот сектор“, заврши вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.