Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за финансии, Драган Тевдовски, се сретна со извршниот директор во Светска банка, Кун Дејвидсе.
На средбата е изразена силна поддршка за одржливите фискални и економски политики, што водат кон реализација на проекти од интерес на граѓаните.
Констатирано е дека направените крупни политички чекори во државата, на долг рок го отворија патот за стабилизација, а со тоа и за одржлив економски развој на земјава, во којашто се гледа лидер за економски развој и на регионот.
На средбата е заеднички нагласена важноста на Стратегијата за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка, со чијашто поддршка се реализираат проекти во патната инфраструктура, енергетиката, комуналната инфраструктура. При тоа, истакната е потребата за одржување на потребната динамика на активности, со цел заокружување на проектите во предвидените рокови.
„Граѓаните веќе ги чувствуваат економските бенефити од донесените политички одлуки. Сите економски параметри се во нагорна линија, растот на БДП, рекордниот износ на странски инвестиции на домашно и на регионално ниво. Работиме напорно овие трендови да продолжат и да имаме уште поголеми резултати до крајот на годината, за 2019 година да биде и економска година, освен година на интеграциите. Заокружување на НАТО интеграциите, како и почетокот на преговорите со ЕУ, по надминувањето на политичката криза, реформските чекори и затворањето на прашањата со соседите отвораат големи перспективи за државата и за граѓаните. Продуктивноста е добра, фокусирани сме на зајакнување на сервисните капацитети на институциите со цел зголемување на економските резултати и она што е најважно, тие да допрат уште повеќе до граѓаните и квалитетот на живот“, рече премиерот Заев на средбата со извршниот директот на Светска банка, Дејвидсе.