Професионалните војници на служба во АРМ до 45 години

Владата и Синдикатот на вработените во одбраната и безбедноста денеска постигнаа договор границата за пензионирање на професионалните војници од 38 да биде поместена на 45 години, а за вработување во Армијата наместо до 23 да се помести на 25 години. 

Договорот е постигнат на средбата на министерот за одбрана Фатмир Бесими со претставници на овој синдикат. Од Министерството за одбрана за измените го известија и претставникот на НАТО во Македонија полковник Јордан Јорданов, кој денеска имаше средба со министерот за одбрана Фатмир Бесими. Според Јорданов, кој е началник на НАТО советодавниот тим во Скопје, договорот дава придобивки и на Синдикатот и на Министерството за одбрана.

Се предвидува ресорното Министерство да подготви и достави до Владата законско решение за статусот на професионалните војници во АРМ, кое откако ќе помина на Влада, треба да се изгласа и во Собранието.

Со измените што ќе следат се очекува конечно да биде надминат проблемот за кој со години се залагаа припадниците на македонската армија, да се зголеми кредибилитетот на армијата и да се подобри животниот стандард на припадниците по углед на НАТО стандардите. За војниците покрај зголемувањето на возраста предвидени се и повеќе програми за полесно враќање во цивилниот живот откако ќе ја завршат војничката кариера.