Кралев: Секоја општина во рамки на временските услови да донесе одлука за одвивање на наставата

Министерството за образование останува на иницијалната препорака, секоја општина во рамки на временските услови со кои се соочува да донесе одлука за тоа како ќе се одвива наставата. Ова го изјави министерот за образование Панче Кралев денеска по пуштањето во употреба на две нови лаборатории при ЈЗУ Институт за медицина на трудот во општина Чаир.

- Постојат големи разлики во временските услови во општините во Македонија и поради тоа не е потребно на ниво на држава да се донесе генерална препорака, рече Кралев.

Тој додаде дека главна причина е учениците кои учат во општините каде има подобри временски услови да  можат тековно да ја следат наставата и со тоа да не се дозволи да се губат часови кои во иднина ќе бидат надокнадувани. - Верувам дека градоначалниците реално ќе можат да ја согледаат состојбата во самите општини и да донесат таква одлука, рече Кралев.

Министерството за образование, како што додаде, продолжува да ја следи состојбата во државата во координација со сите релевантни институции и доколку временските услови се влошат ќе излеземе со поконкретни препорака.