Во Скопје денеска се одржа завршната јавна дискусија за претставување на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“, каде што свои обраќања пред присутните имаа заменичката на претседателот на Владата на РСМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменикот на претседателот на Владата на РСМ задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски и програмската директорка во Фондацијата Отворено Општество - Македонија (ФООМ), Сунчица Костовска.
Заменичката на претседателот на Владата на РСМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска рече дека концептот „Едно општество за сите“ е суштината на политиката која ја понуди оваа Влада од самиот почеток и дека внатрешната интеграција е исто толку важна колку евроинтеграциските процеси.
„Успехот во интеграцијата во НАТО и ЕУ, успехот во интеграцијата со Брисел не е доволен успех, ако не успееме да понудиме интеграција внатре во државата и концептот „Едно општество за сите“ така ја дефинира нашата цел - да обезбедиме повеќе канали на комуникација, разбирање помеѓу различните и таа интеграција ќе биде всушност најголемото безбедносно, економско и социјално сидро за нашата држава“, рече заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и потенцираше дека стратегијата Едно општество за сите значи стоп за поделбите, дискриминацијата и жигосувањето на секој што размислува различно и крај за понижувањата и говорот на омраза.
Министерката укажа и на потребата од создавање на повеќе шанси во училиштата за разбирање и комуникација меѓу учениците, како што предвидува и Стратегијата.
„Оваа стратегија значи развивање на живот кој гарантира поголема социјална правда, поголема еднаквост, поголемо разбирање без оглед на различностите, а тука од најголема важност се училиштата“, рече министерката Шекеринска и додаде дека во бришењето на етничките, социјалните, политички поделби, во интеграцијата на маргинализираните групи голема улога играат и медиумите при комуницирањето на вредностите што не обединуваат и ставањето крај на говорот на омраза. Таа посебно се осврна на родовата еднаквост и рече дека со политичка волја и одлучност таа еднаквост може да се постигне.
„Во одбраната која се смета за машки ресор, покажавме дека со зборување на оваа тема, со создавање на мрежа на родови контакт лица, нема да дозволиме дискриминација. Како резултат на ова, половина од примените на Воената Академија беа девојки, а на конкурсот за офицери со завршени цивилни факултети од 42 кандидати, беа примени и 19 девојки“, рече министерката и упати апел до јавноста, граѓанските здруженија и медиумите да помогнат во спроведувањето на концептот „Едно општество“ кој е рецепт за успех на државата.
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи позитивно гледа на фактот што концептот „едно општество за сите“ е поставен високо на политичката агенда, не само на Владата, туку и на граѓанскиот сектор, експертската јавност, што е најважната тема за долгорочната безбедност, стабилност но и за цивилизацискиот напредок на земјава.
„Веќе никој нема дилема дека Република Северна Македонија претставува редок пример на Балканот каде се негува функционална мултиетничка демократија од каде потоа произлегува и успешноста во изградбата на едно стабилно, и функционално мултикултурно и мултиконфесионално општество“, рече заменик на претседателот на Владата на РСМ задолжен за европски прашања, Бујар Османи и додаде дека за да можеме вистински да изградиме „едно општество за сите“ треба да ги зачувуваме културните и етничките вредности на секоја заедница.
Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски во своето обраќање ја истакна значајната улога на медиумите, особено на јавниот сервис во промовирање на вредностите на „едно општество“.
„Се издвојуваат два приоритети кога се во прашање медиумите, првиот е унапредување на медиумскиот простор во функција на навремено, непристрасно и објективно информирање на сите граѓани и промовирање на медиумскиот плурализам; вториот е јакнење на медиумската писменост кај граѓаните од сите возрасти“, подвлече министерот Поповски и додаде дека општествената кохезија и интеграција се можни преку ефикасна јавна сфера и јавна свест.
Програмската директорка во Фондацијата Отворено Општество - Македонија (ФООМ), Сунчица Костовска, ја поздрави посветеноста на Владата за систематично и сеопфатно развивање на овој концепт и ангажирање на сите институционални механизми, интелектуални сили, знаења и капацитети на граѓанското општество за создавање на Националната стратегија.
„Концептот за едно општество за сите се совпаѓа со мисијата на ФООМ за внатрешна интеграција како предуслов за интеграцијата во Европската Унија. Градењето на вредностите на заедништво внатре во нашето општество е услов за да можеме да ги почитуваме и негуваме тие вредности како дел од една поширока заедница на држави, вери, нации и култури. Европеизацијата на секој од нас, манифестирана во нашето однесување и артефакти, ќе не’ доведе до отворање на портите на Европската Унија“, подвлече програмската директорка во Фондацијата Отворено Општество - Македонија (ФООМ), Сунчица Костовска.
Претставување на нацрт-текстот на Стратегијата направи претседателот на координативното тело за изготвување на националната стратегија и национален координатор за развој на културата и меѓуресорската соработка, Роберт Алаѓозовски.
На јавната дискусија свои мислења изнесоа и претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународните организации, кои дадоа конструктивни сугестии, коментари и предлози за намалување на поделбите и создавање услови за подобро и подеднакво општество за сите.