Отворен ден во Владата за младински политики: Издвојуваме средства за подобрување на младинскиот статус, отворени сме за иницијативи за вклучување на младите во социјалните иновации и бизнис модели

Во согласност со определбата за овозможување директно учество на граѓанските организации во креирањето јавни политики за континуиран демократски и економски просперитет на државата, во Владата на Република Северна Македонија, денеска, се одржа Отворен ден за консултација за младинските политики.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, ја истакна важноста на денешната средба и нагласи дека таквите средби и разговори покажуваат колку се важни политиките кои ги креира Владата и се показател колку тие се имплементираат.

„Овозможување поволни услови за надоградба, развој и вработување на младите е еден од нашите приоритети во новиот Оперативен план за вработување, за кој оваа година издвоивме рекордни 1,1 милијарда денари. Ова е највисок износ досега, три пати повисок во споредба со 2014 година. Одличниот успех на Програмата „Гаранцијата за млади“ продолжува и во 2019 година, со посебен акцент на трите региони и тенденција да се зголемува сумата и да се опфатат повеќе региони во иднина“, подвлече Царовска додавајќи дека со оваа Програма се опфатени над 8.000 лица, а над 1.800 се вработени.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми се осврна на посветеноста на Владата на подобрувањето на образованието како инвестиција, која на младите ќе им помогне во конкурентноста на пазарот како и во унапредување на нивното знаење и иновативноста.

„Заедно со невладините организации, научната заедница и експертите работиме на подобрување на законските одредби и на следење на глобалните текови со цел да се подобри статусот на младите и нивните интереси“, информираше министерот Адеми, оценувајќи дека со законските решенија се посветува внимание на продуцијата на кадар кој ќе ги задоволува општествените потреби, како и потребите на пазарот на трудот.

Министерот за здравство Венко Филипче, потенцирајќи ја посветеноста на Владата на младинските политики и вложувањето во здравството, во едукацијата и во програмите во социјалната политика, ги образложи конкретните мерки кои Министерството ги презема за задржување на медицинскиот кадар во земјата.

„Сакавме да слушнеме токму од претставници на младите лекари, на студентите, што е тоа, што им пречи, што е тоа, што треба да се корегира, како тие сметаат дека треба да се димензионирани тие политики“, рече Филипче информирајќи дека како приоритет, во 2018-та и во 2019-та година, се одвоени скоро две милијарди денари за зголемување на платите на сите јавни здравствени работници и дека мерките за задржување на медицинскиот персонал ќе продолжи и идната година.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, се осврна на иницијативите кои Фондот ги разви во последните 20 месеци и кои се директно насочени кон младите и нивното вклучување во процесите на воведување иновации и нови вредности во сите општествени сфери на живеење.

„Во фаза сме на потпишување на договори за ко-финансирање со околу 100 стартап компании, работиме на подготовка на околу 30 бизнис планови за млади луѓе, кои се дел од ИН групата во рамки на Оперативниот план мерки на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за самовработување“, оцени Деспотовски и јавно ги повика невладините организации да се вклучат со свои предлози за подобрување на социјалните иновации.

Отворен повик за соработка, упати и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Дарко Каевски, кој подвлече дека таквите предлози ќе придонесат за подобрување на актуелните политики, кои ќе влијаат на подобрување на животот на младите луѓе и исполнување на нивните приоритети.

„Со процесот на креирање на Закон за младинско учество и младински политики, за прв пат во нашата држава се носи Закон со вклученост на сите засегнати страни од почеток до крај, преку широка дебата и дискусија. Законот создава механизми за директно учество на младите во процесот на донесување одлуки и ја гарантира вклученоста на младите во работата на институциите и политиките кои ги носат“, рече Каевски.

Каевски истакна дека интересот за Европската младинска картичка, која од 1-ви јули ќе биде дистрибуирана е огромен и ја најави новата иницијатива на АМС за отворање младински центри во четири градови низ државата, како простор каде што младите можат да се здружат, да се вклучат во активности поврзани со нивните различни потреби и интереси, да учествуваат во процесите на донесување одлуки и слободно да се изразуваат.

Советникот во Кабинетот на Претседателот на Владата на РСМ, Ѓорги Тасев се осврна на суштината на вклучување на сите релевантни и заинтересирани фактори за заедничко креирање и подобрување на статусот на младите.

Претставниците на граѓанските организации се вклучија во дискусијата, образложувајќи ги своите иницијативи, кои се однесуваа на насоки за подобрување на средношколското и студентското демократско организирање, мерки за подобрување на нивниот стандард, предлози за подобрување на координацијата и дијалогот меѓу младинските организации и институциите. 

Присутните претставници на младинските граѓански организации ги отворија и темите за сеопфатното сексуално образование, подобрување на ситуацијата на младите малолетници кои употребуваат психотропни супстанци, како и подобрување на условите за еднаков и инклузивен пристап до образованието на сите заедници.