Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со Росана Дуџиак, постојана координаторка на ОН во Република Северна Македонија.
На средбата е нагласена одличната партнерска соработка помеѓу Владата и институциите во нашата држава и Обединетите нации, за прашања од интерес на државава, на граѓаните, како и за активностите за реализација на глобалните цели за одржлив развој, утврдени од ОН.
На состанокот е потенцирано дека Република Северна Македонија е ѕвезда во регионот, поради големите постигнувања на надворешен и внатрешен план и е заеднички констатирано дека периодот што следува овозможува услови сето тоа да се стави во функција на потребите на граѓаните.
Премиерот Заев се заблагодари за огромната и континуирана поддршка што ја има нашата земја од ОН во процесот на демократизација на државата, како и во значајни области за граѓаните, посебно во делот на заштитата на животната средина.
„Ова е драгоцен период за Република Северна Македонија, бидејќи, откако се тргнати пречките за евроатлантските интеграции, отворени се многу можности за економски бенефити на граѓаните, како и за решавање на прашањата што го допираат квалитетот на секојдневниот живот. Се надеваме дека до крајот на годината ќе бидеме 30-та земја членка на НАТО. Интеграцискиот процес отвори простор за многу странски инвестиции, за што земјава е посочена како најдобра во регионот. Има простор да ја интензивираме соработката со Обединетите нации, така што зголемените придобивки ќе ги почувствуваат граѓаните на нашата земја, а како Влада и како држава сме подготвени да придонесуваме со сѐ што е можно, во реализацијата на утврдените глобални цели за одржлив развој“, рече премиерот Заев.
Постојаната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Дуџиак нагласи дека семејството на Обединетите нации очекува да продолжи одличната соработката со партнерите во Владата, со цивилното општество и меѓународната заедница, со цел да биде осигурено дека, во духот на целите за одржлив развој, во овој процес ќе бидат вклучени сите потребни општествени чинители.
Во таа насока, на средбата е разговарано за активностите на Владата, посебно во делот на енергетиката, со цел придонес кон намалување на загадувањето. Разговарано е и за мерките што ги утврди и презема Владата за заштитата на Охридското езеро и на охридскиот регион, преку стопирањето големи градежни работи, легализации исклучиво според закон, за новиот урбанистички план за Охрид и планираниот нов закон за Охридското езеро.
Премиерот Заев ја соопшти определеноста да продолжи соработката со ОН, посебно во делот на заштитата на животната средина, преку низата отпочнати проекти во земјава.
Изразена е подготвеност од страна на ОН за дополнителна поддршка на Владата во планот за заштита на Охридското езеро, со оглед дека ОН веќе помагаат на намалувањето на загадувањето на Охридското езеро, кое што доаѓа од наносите од реката Сатеска во езерото, преку постојан мониторинг на најважните видови и живеалишта во Националниот парк Галичица.
На средбата е поздравен напредокот на земјава во исполнување на обврските од Парискиот договор, за поголема отпорност и унапредувањето на зелената економија, посебно што главна цел на еден од неколкуте самити на ОН на високо ниво, што ќе се одржат во Њујорк, ќе биде Самитот за климатска акција и каде централна тема во говорот на генералниот секретар на ОН на Самитот, како што е соопштено, ќе биде пораката за поголеми заложби од сите држави, во имплементација на Договорот од Париз.