Премиерот Заев во работна посета на Штип: Станува реалност проектот брана Отиња, вреден седум и пол милиони евра, кој Штипјани го чекаат повеќе од 35 години

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, денеска во Штип остварија работна средба со градоначалникот на општината, Благој Бочварски.

На средбата се разговараше за реализирање на капиталниот проект брана Отиња и за други инфраструктурни прашања и проекти важни за граѓаните и развојот на општина Штип.

,,Проектот, кој Штипјани го чекаат повеќе од 35 години, а тоа е изградбата на насипната брана Отиња станува реалност, владата ќе помогне”, рече премиерот Заев во изјава за новинарите по средбата, најавувајќи дека Владата ќе помогне во реализирање на овој стратешки и важен проект за Штипјани, вреден седум и пол милиони евра.

„Овој капитален објект, браната на Отиња, кој е ветуван повеќе од 30 години, конечно ќе биде реализиран и градот под Исарот, кој воодушевува со туристичките атракции и културно-историски споменици, ќе стане уште поатрактивна локација за домашните и странски туристи, со која ќе се гордеат сите граѓани на нашата држава, Северна Македонија“, подвлече премиерот Заев, кој посочи дека изградбата на брана со вештачко езеро, со корисен волумен од 3 милиони метри кубни вода, на граѓаните на Штип и околните места ќе им обезбеди можност за рекреација и спортување.

Истовремено, проектот обезбедува еколошки гарантирано протекување на реката Отиња, односно заштита од поплави, како и снабдување со технолошка вода за наводнување на зеленилото во градот.

Истакнувајќи дека Владата е фокусирана на обезбедување на функционални локални заедници и дека една од нејзините цели е општините да помогнат во економскиот развој, премиерот Заев нагласи дека а крајната цел е обезбедување на квалитетен живот на сите граѓани подеднакво.

Премиерот Заев исто така додаде дека со претставниците на локалната власт во Штип разговарал и за други проекти во кои се вклучува Владата на Република Северна Македонија како што се опремување на детска градинка во штипската населба Сењак, како и менување на прозорците во Основното училиште ,,Тошо Арсов”, како и изградбата на делницата од локалниот пат Штип - Почивало.

Министерот Димковски во изјавата пред новинарите посочи дека во однос на изградбата на браната Отиња, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство учествува преку финансирање во изработката на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина на браната, која ќе биде доставена до Министерството за животна средина и ќе биде објавена за јавна расправа со граѓаните.

,,Придонесот, кој Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го дава во изградбата на браната е само дел од мерките кои што им ги овозможуваме на општините преку Програмата за рурален развој. Неодамна ги склучивме договорите со 80 општини и 8 плански региони, за што се обезбедени околу 38 милиони евра, за реализација на 202 проекти.”, рече министерот Димковски кој додаде дека Општината Штип ќе добие 20 милиони евра за изградба на дел од локалниот пат Шавашаварлија-Кошево-Почивало и над 3,1 милиони денари за реконструкција на улици во приградската населба Караорман, што како што подвлече се проекти важни за жителите во овој дел на штипскиот регион.

Градоначалникот Бочварски на средбата потенцираше дека денеска, кога свечено беше пуштен во употреба автопатот Штип – Миладиновци, со кој Штип е директно автопатски поврзан со цела Европа, исто така се отвора нов пат за реализација на еден од најзначајните капитални проекти за Штип, браната на реката Отиња.

,,Во изминатата година и пол, колку што сум градоначалник, вложив многу труд и енергија за овој капитален и стратешки важен проект за Штип да го поместам од нулта точка. Денес проектот е завршен и иновиран од страна на Градежен факултет Скопје, со позитивна ревизија од ГИМ. Комплетната техничка документација за оваа брана се состои од три столба, основен проект, кој го имаме завршено, со ревизија, а е инвестиција на Општина Штип, студија за заштита на животната средина, која е во финална фаза, а е финансирана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и доработка на Детален Урбанистички План за брана на река Отиња, којшто е во финална фаза и наскоро ќе извадиме градежно одобрение за изградба на брана на река Отиња“, додаде градоначалникот Бочварски.

Истакнувајќи ја важноста на браната како една од развојните компоненти на Штип во наредните години, градоначалникот Бочварски во име на сите граѓани на Штип, се заблагодари на Владата за имање слух и давање поддршка за изградба на капитални проекти.

Премиерот Заев заблагодарувајќи се за пречекот, ја охрабри локалната власт на Општина Штип да продолжи со настојувањата со сопствени средства да финансира проекти за решавање на комунални, инфраструктурни и други прашања, кои го подобруваат стандардот на граѓаните, но и создаваат услови за економски развој и просперитет.