Дирекцијата за заштита и спасување со поддршка на EVN, започна кампања за заштита од пожари на целата територија на Република Северна Македонија преку едуцирање на населението за намалување на заканите од пожари со помош на едукативен прирачник и постери со чекори за заштита во случај на шумски пожари. Дел од активностите на кампањата вклучуваат делење на прирачници за намалување на заканите од пожари, поставување на едукативни постери на повеќе места низ Градот Скопје, на наплатни станици и на излетничките места.
Целта на оваа кампања е да се делува превентивно и едукативно, преку подигнување на свеста на населението за сите можни ризици што пожарите ги носат како катастрофа, бидејќи влегуваме во таканаречен критичен период во годината за појава на пожари на отворен простор.
Дел од агендата на кампањата е вклучување на тимот на ДЗС на летниот фестивал Summerland, во сабота (20.07.2019) со почеток во 18:00 часот, каде на штандови ќе одржи едукативно предавање, ќе дели флаери со препораки за однесување на отворен простор на посетителите и ќе се обиде на директен начин со публиката да ја подигне свеста за заштита на шумите.
Намалувањето на заканите од пожари е само најава за низата кампањи кои ќе се водат под мотото „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени“, а ќе вклучуваат кампања за намалување на последиците од поплави, земјотреси и други катастрофи предизвикани од природата и човекот. Една од поважните проекти на кој работи тимот на експерти при Дирекцијата за заштита и спасување е изготвување на семејниот прирачник кој ќе биде промовиран на есен.