Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска, се сретна со Ивана Мишева, претставничка на граѓанската иницијатива за заштита на животните „Кане Корзо“, со која разговараше за мерките и решенијата за подобрување на третманот на животните, како и за подобрување на неопходните стандарди згрижување и намалување на бездомните кучиња.
На средбата од двете страни беше изразена волја за соработка, беше констатирано дека оваа тема е исклучително важна и беше договорено да биде формирана работна група, на одредено време, чии членови ќе ги разгледаат можностите за хумано справување со проблемите со бездомните животни, вклучително и обезбедување стандарди и хуман третман на сите животни.
На средбата се разговараше и за потребата од донесување конкретни законски решенија за санкционирање на слободната употреба на отровите за усмртување на животните. Беше разговарано и за изнаоѓање модел за јавно приватно партнерство со ветеринарните станици за субвенционирање на стерилизации на домашни миленици и бездомни животни.