Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Раса Каириене, амбасадорката на Република Литванија за Република Македонија, која го завршува мандатот.
На средбата се поздравени постигнувањата на Република Северна Македонија на планот на добрососедските односи, посебно преку постигнатиот Договор од Преспа, како и во делот на реформите. Констатирано е дека нашата држава заслужува напредок во интеграциите, поради што Република Литванија е меѓу првите земји што го ратификуваа Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. А изразена е и поддршка за добивање датум за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ, во октомври, со цел да се задржи мотивацијата на позитивни промени што се случуваат во државава, во клучните области важни за ЕУ.
-Даваат резултати реформите, за што има позитивни оценки во Извештајот на ЕУ, но се значајни и за граѓаните на нашата земја. Веќе имаме видливи резултати во борбата против корупцијата и во делот на зајакнувањето на правосудниот систем. Цениме дека е можно до декември нашата земја да биде полноправна членка на НАТО и дека во октомври ќе го добиеме заслужениот датум за почеток на преговорите со ЕУ, којшто ќе биде големо охрабрување за напредокот на Република Северна Македонија, но за европските перспективи на целиот регион, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев се заблагодари за пријателската и принципиелна поддршка од Литванија и упати покана за посета на литванскиот премиер, на Република Северна Македонија.
На средбата се потврдени пријателските односи помеѓу двете земји. Потенцирана е поддршката од Литванија преку експерти во твининг програмите на ЕУ, што ќе продолжи и во иднина. Споделени се искуства за резултатите од евроатлантските интеграции во Литванија изразени преку желбата на граѓаните да живеат и работат во својата родна земја, дури и со враќања од странство, поради отворените перспективи.
На состанокот е изразена определба за развој на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Република Литванија, во областа на економијата и туризмот, земјоделството, информациски технологии, биотехнологиите. Разговарано е и за поттикнување поинтензивна соработка помеѓу бизнис коморите на двете држави и примена на позитивни искуства од Литванија применливи за нашата држава.