Бесими се сретна со заменик-помошник на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија

Денес во Министерството за одбрана, министерот Бесими оствари средба со заменик-помошникот на Генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Стефани Бабст која ќе зеде учество на регионалната конференција „Цели на Резолуцијата на Советет за безбедност на ООН 1325  – степен на остварливост“.

На средбата, која се одржа на барање на домаќинот на еднодневната конференција, Евроатлантскиот совет на Македонија, министерот Бесими ја поздрави оваа иницијатива и ја информираше г-ѓа Бабст за процентот на застапеност на жената во Армијата на Република Македонија и во Министерството за одбрана, факт кој иако не е директно поврзан со Резолуцијата 1325, како податок е особено важен да се напомене. Во тој контекст, министерот додаде дека се прават напори за зголемување на процентот на застапеност на жената во АРМ, а аналогно на тоа и во мировните мисии.

Со оглед на важноста на оваа тема, министерот определи едно лице, жена-припадник на АРМ и воедно учесник во мировна мисија да учествува на Конференцијата како говорник, со што би ги пренела искуствата на Република Македонија во контекст на Резолуцијата 1325.

Претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија, Лазар Еленовски, апелираше за што поскоро усвојување на национален акционен план за имплементација на оваа резолуција, која, според него, е од голема важност за Република Македонија.

Секторот за јавна дипломатија на НАТО ги покрива сите активности кои придонесуваат во промовирање на имиџот на Алијансата пред поширок аудиториум, воспоставувањето односи на соработка со политичките, со дипломатските, со административните, со академските и со медиумските кругови.