Премиерот Заев за повратот на ДДВ и растот на економијата: Резултатите се одлични и се зголемуваат, ова е неповторливо време, да се посветиме сите да продолжат овие процеси

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на седницата за пратенички прашања оцени дека проектот Мој ДДВ дава резултати, дека економијата е во пораст и дека посебно во следните 15 месеци, сите треба да придонесат да продолжат економските трендови значајни за граѓаните и државата.

- Ова е прекрасен период што се случувал на сите земји кога влегувале во НАТО, почнувале преговори со ЕУ и кога економијата растела, што е вистинска можност и за нашата држава. Се бориме против сивата економија, неплаќањето на персоналниот данок, данокот на додадена вредност, данокот на добивка, придонесите и слично. Овој проект го стартувавме од 1 јули оваа година и еве резултатите за првите 24 дена од УЈП се одлични.

135.000 граѓани ја преземале апликацијата. Скенирани се над 5 милиони фискални сметки. Вредноста на скенираните сметки е 2.768.341.908 денари. ДДВ досега е пресметан за враќање на граѓаните од 44.827.000 денари, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев упати апел до правните субјекти да работат согласно закон и да го пријавуваат прометот. Тој апелира и до луѓето, да продолжат да бараат сметки, бидејќи ќе си вратат пари.

- Ефектот се постига, на крајот на месецот ќе го направиме рекапитуларот. Граѓаните да се вклучат, тоа носи бенефит, тоа е еден годишен одмор. Претходно не добивале ништо. Сега добиваат преку тоа што и помагаат на државата да го наплати данокот.

Наплатата на ДДВ  за првите шест месеци, вклучително и 23 дена од јули е зголемена за 6,6 проценти, персоналниот данок е зголемен за 15,9 проценти. Придонесите од плати за пензиско и инвалидско осигурување пораснале за 9,8 проценти, придонесите за здравствено осигурување за над 8 проценти.  Тоа само по себе покажува дека економијата заживува и оди напред. Вкупните приходи на државата, заклучно со 24 јули, во споредба со лани, се зголемиле за 8,6 проценти.

Тоа што се случувало во сите земји кога станувале членки на НАТО, кога биле пред отворање на поглавјата се случува и кај нас. Со отворање на поглавјата имаме целосно право да очекуваме дека овие бројки ќе бидат уште поголеми, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев укажа на важноста на овој период.

- Ќе ги масимилизираме ваквите резултати. И жално е да се бара да се прекине овој процес за некој да оди на избори. Не е исправно за државата овој економски тренд да го застанеме. Економскиот тренд е одличен и ќе биде уште повеќе од одличен затоа што се случувало и се случува и кај нас. Разработуваме модели што ќе ги презентираме по враќањето на годишните одмори и пред Парламентот и пред јавноста, за да ги покачиме и платите, верувам се што е позитивен тренд треба да го споделиме со сите граѓани, работници, земјоделци, пензионери, сите да го почувствуваат. Затоа треба да го продолжиме овој процес, да го искористиме ова неповторливо време, повика премиерот Заев на седницата на пратенички прашања во Парламентот.