Отворена првата Универзитетска ветеринарна болница во Македонија

На Факултетот за ветеринарна медицина денеска е отворена првата Универзитетска ветеринарна клиника во Република Македонија. Објектот вреден 100.000 евра е целосно финансиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Болницата е опремена со современа апаратура, хируршка сала, стационар за мали животни, биохемиска, паразитолошка и микробиолошка лабораторија, како и апаратура за рендген, ехо и ЕКГ дијагностика.

- Болницата ќе овозможи усовршување на академскиот кадар, но и поголема научно-истражувачка дејност. Воедно ќе се создадат услови за изучување, помагање и лекување на голем број животни, активности што досега Факултетот мораше да ги реализира во на некој начин импровизирани услови, изјави министерот за образование и наука Панче Кралев по отворањето на болницата.

Во болницата ќе работи високообучен тим експерти од различни области кој ќе биде секојдневно достапен за сите на кои им е потребна врвна ветеринарна услуга.

Сопствениците на домашните миленици ќе добиваат совети и упатства за нивна нега и исхрана, превентивни вакцинации, контрола на паразити и згрижување на итни и критични пациенти.

Како што рече деканот на Факултетот за ветеринарна медицина Дине Митров, болницата ќе овозможи и решавање на проблемите со плодноста, вештачко осеменување и рана дијагностика на гравидитет, стоматолошки и офталмолошки зафати кај милениците. Особено е битно, нагласи Митров, што со отворањето на Универзитетската болница се воведуваат нови стандарди и услови за практична работа на студентите, идни доктори по ветеринарна медицина што практично значи приближување до директивите на Европската унија во оваа област.