Премиерите Заев и Борисов: Продолжуваме да градиме пријателство, заедничка европска иднина, ќе ги решиме сите прашања, им го должиме тоа на идните генерации

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и неговиот бугарски колега, премиерот Бојко Борисов, кој денеска е во официјална посета на нашата земја, одржаа заедничка прес-конференција, на која информираа дека на нивната средба разговараа за заедничките постигнувања, за тековните проекти кои ги поврзуваат двата народа и за заедничката европска иднина.

 

 

Премиерот Заев изрази задоволство од денешната посета на неговиот бугарски колега, која, како што подвлече, е токму на двегодишнината од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со пријателска Република Бугарија.

 

 

„Европа го препозна нашиот заеднички ентузијазам со кој на Балканот му даваме нов лик. Затоа, земјите носители на Берлинскиот процес, одлучија дека наредната година Бугарија заедно со Северна Македонија ќе бидат ко-претседавачи на процесот и ко-домаќини на Самитот во јули 2020 година“, рече премиерот Заев додавајќи дека идната година тој, заедно со премиерот Борисов заеднички во Софија и Скопје ќе ги пречекаат сите премиери од Берлинскиот процес и ќе разговараат за новите европски идеи за иднината.

Премиерот Заев оцени дека поврзувањето и градењето на добрососедските односи и покажувањето зрелост за повисоко ниво на соработка се ефекти кои ги чувствуваат сите граѓани на нашите две земји, во поглед на зголемувањето на бизнис релациите, што покажува и растот на трговската размена со Бугарија од 12,8% проценти во 2018 година, споредено со претходната година и влезените инвестиции од Бугарија во нашата земја, во вредност од повеќе од 35 милиони евра.

„Уметниците и културните работници создадоа нови платформи за креативни поврзувања меѓу Македонците, Бугарите и сите други граѓани кои живеат во нашите две земји. Не е само фестивалот „Една љубов“ или „One love“. Да ги спомнеме сите коишто го прават мостот на поврзувањето, а тоа се и Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов, кои се музички олицетворенија на духот на Договорот, но и театарските претстави во двете земји, поетските вечери, соработките меѓу министерствата во областа на здравството, одбраната, внатрешните работи итн.“, рече премиерот Заев.

Истовремено, премиерот Заев истакна дека заедно со Бугарија, нашата земја продолжува посветено и без предрасуди да работи на согледување и утврдување на сите историски точки и личности коишто нѐ поврзуваат, покажувајќи му на Балканот и на Европа и светот, дека нашите предизвици можеме да ги решаваме преку разговори, почитување и трпеливост, без посредници.

„Денеска заклучивме, да ги охрабруваме двете комисии, од двете страни да продолжат во решавањето и на следните прашања: Решивме веќе четири историски личности, коишто заеднички ги чествуваме. И, верувам дека ќе се најде решение и за историската личност, херојот Гоце Делчев“, посочи премиерот Заев, оценувајќи дека Делчев ги поврзува двата народи и затоа и во двете земји продолжуваме да му оддаваме почит, преку јазикот на заемното разбирање, подвлекувајќи дека токму визијата на Гоце Делчев станува мост кој поврзува во заедничките напори за обединета Европа. 

Премиерот Борисов, истакна дека последните две години, по потпишувањето на Договорот за добрососедство, трите држави, Бугарија, заедно со Грција и Северна Македонија, направија огромни напори за обезбедување перспектива на државата за остварување на патот до Европа.

Тој додаде дека заедничкото претседавање на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес покажува дека Европската Унија ги препозна напорите и ги цени храбрите политичари во регионот на Западен Балкан и нивните одлуки за просперитет во регионот.

„Се надевам историчарите, не само што нема да попречуваат туку и ќе вложат големи напори за да го најдат правилното толкување на историјата што нѐ обединува како што денеска господинот Заев рече, заедно да може да се поклониме на нивните гробови“, рече премиерот Борисов, кој подвлече дека со него се членовите на Комисијата која работи на Договорот за добрососедство и дека секојдневно се активни и разговараат за сите херои кои го дале својот живот, се жртвувале за да може заеднички да просперираме.

Претседателот на Владата на Република Бугарија исто така ја истакна добрата соработка со Северна Македонија во однос на инфраструктурните проекти, Коридорот 8.

На новинарско прашање дали може да се случи Бугарија да ја попречува интеграцијата на Северна Македонија, премиерот Борисов беше дециден дека не сака ни да помисли на такво нешто. 

Делегациите на двете влади, на Република Северна Македонија и Република Бугарија, одржаа и билатерална средба, на која разговараа за напредокот на соработката на билатерален и мултилатерален план.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, којшто ја предводи Владината делегација, претходно беше пречекан од премиерот Зоран Заев и владините министри со највисоки државни и воени почести, по што следуваше тет-а-тет средба на двајцата претседатели на влади.

Во рамки на посетата на бугарската Владина делегација, која ја предводи премиерот Борисов е предвидено и заедничко оддавање почит и положување венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, средба со претседателот на државата Стево Пендаровски и положување цвеќе на возобновениот споменик на полковникот Константин Каварналиев во Дојран.

 


Интегрално обраќање на премиерот Заев од заедничката прес-конференција со премиерот Борисов: Продолжуваме да градиме пријателство и соработка во име на сите идни генерации коишто доаѓаат после нас

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, денеска, одржаа заедничка прес-конференција на која ја одбележаа и двегодишнината од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со пријателска Република Бугарија.

Во продолжение, ви го пренесуваме интегрално обраќањето на премиерот Заев:

 

 

„Чест ми што денеска, што по повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со нашата пријателска Република Бугарија, тука во Скопје разговараме за заедничките постигнувања до сега, за тековните проекти кои нѐ поврзуваат и за идеите за заедничката наша европска иднина.

Европа го препознава нашиот заеднички ентузијазам со кој на Балканот му дадовме навистина нов лик. Затоа, земјите носители на Берлинскиот процес, одлучија дека наредната година Бугарија заедно со Северна Македонија ќе бидат ко-претседавачи на процесот и ко-домаќини на Самитот во јули 2020 година. Тоа е доказ за градењето на добрососедските односи и зрелост за повисоко ниво на соработка. Догодина, јас и мојот пријател и колега, премиерот Борисов заеднички ќе ги пречекаме сите премиери од Берлинскиот процес да разговараме за новите европски идеи за иднината, во Скопје и во Софија.

Ефектите од поврзувањето се за сите граѓани на нашите две земји. Бизнисите и институциите ја интензивираа добрососедската соработка и како резултат на тоа во 2018-та година имаме раст на нашата трговија 12,8% во споредба со 2017-та година. Во двете години позади нас од бугарски компании во Северна Македонија се влезени инвестиции во вредност од повеќе од 35 милиони евра во повеќе области, а и наши компании прават заеднички инвестиции во Република Бугарија, за што сме посебно среќни.

Уметниците и културните работници создадоа нови платформи за креативни за поврзување помеѓу Македонците, Бугарите и сите други граѓани кои живеат во нашите две земји. Не е само фестивалот со име „Една љубов“ или „One Love“. Да ги спомнеме сите коишто го прават мостот на поврзувањето, тоа се Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов коишто се музички олицетворенија на духот од Договорот, но и театарските претстави во двете земји, поетските вечери, соработките помеѓу министерствата посебно изразена во областа на здравството, но и на другите министерства, како што е одбраната, внатрешните работи и така натаму.

Јас навистина се радувам на општествените иницијативи за решавањето на споровите на Балканот дека се поткрепени со актуелни културни творештва кои во себе ја содржат идејата за заедништво и за просперитетна иднина. Нека ни бидат и понатаму инспирација на сите.

Поттикнати од минатото и предизвикани од иднината, ние, Северна Македонија и Бугарија, секој ден им покажуваме и на Балканот и на Европа и светот дека нашите предизвици можеме да ги решаваме преку разговори, почитување и трпеливост, без посредници.

Постигнавме согласност и веќе заеднички чествуваме личности и настани од заедничката историја на нашите земји и народи.

Во месеците кои се пред нас, продолжуваме посветено и без предрасуди да работиме на согледување и утврдување на сите историски точки и личности кои нѐ поврзуваат. Денеска заклучивме, да ги охрабруваме двете комисии од двете страни, да продолжат во решавањето и на прашањата што се следни. Решивме веќе 4 историски личности коишто заеднички ги чествуваме, исто така верувам дека ќе се најде решение и за историската личност, херојот Гоце Делчев. Гоце Делчев е личност, херој, кој ги поврзува двата народи, затоа и во Република Северна Македонија и во Република Бугарија продолжуваме да му оддаваме почит на големиот Делчев, преку јазикот на заемното разбирање, тоа го правиме заеднички со нашите блиски пријатели кои споделуваат слични чувства, вредности и цели.

Убеден сум дека делата на Делчев може само да нѐ поврзуваат и во чест на таа идеја заедно со премиерот Борисов, денеска ќе се поклониме на гробот на великанот во црквата Свети Спас, а секако после ќе одиме и во Дојран, да го пуштиме во повторна употреба, односно, споменикот на полковник Каварналиев, кој беше разрушен, а денеска е возобновен и од локалната заедница во Дојран и од граѓаните на Република Северна Македонија.

Продолжуваме понатаму да градиме пријателство, да бидеме инвентивни во градењето на тоа наше пријателство, добрососедство и соработка, затоа што им го должиме и на децата и на младите, односно на сите идни генерации коишто доаѓаат после нас.“