Официјална посета на генералот Хертлинг на Република Македонија

Денеска во официјална посета на Република Македонија пристигна командантот на копнените сили на САД во Европа, генерал-потполковник Марк Хертлинг.

При посетата генералот Хертлинг оствари средба со министерот за одбрана, Фатмир Бесими, на која беше потврдена одличната меѓусебна соработка со акцент на можноста за нејзино интензивирање и продлабочување, во контекст на заедничките обуки и вежби, а воедно стана збор и за имплементацијата и придобивките од новиот концепт на НАТО, „паметна одбрана“. Во оваа пригода генералот Хертлинг ја повтори поддршката кон АРМ и го поздрави активното учество на АРМ во мисијата во Авганистан.

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Горанчо Котески, по средбата со генералот Хертлинг изрази благодарност за поддршката на командата на копнените сили на САД во Европа и кон АРМ, но и кон Република Македонија. Воедно генералот Котески истакна дека на средбата станало збор реформските процеси во АРМ, за новата структура на Армијата и за идната соработка помеѓу командата на копнените сили на САД во Европа и АРМ, во насока на нејзино одржување и во иднина. „Денес разговаравме за неколку прашања – за заедничките вежби и за обуката на нашите припадници во  командата на американските сили во Европа, а другата тема која ја отворивме е користењето на заедничките искуства од мировните мисии како и заедничкото упатување во мировни мисии“, додаде генералот Котески.
Воедно, генералот брифираше дека на средбата било укажано и на капацитетите и можноста за искористување на полигоните за обука во Република Македонија.

Генералот Хертлинг, пак, посочи дека заедничкото служење со припадници на АРМ во Ирак, како и преку средбите со нив при посетата во Авганистан, му овозможиле да увиди дека тие извонредно ја вршат својата работа, носејќи мир онаму каде што е потребно.

За време на дводневната посета, генералот Хертлинг ќе ги посети ВИНГ-от на АРМ и полигонот „Криволак“, каде припадниците на Полкот за специјални операции ќе изведат показна вежба, а предвидена е и посета на Воената академија каде пред питомците ќе биде одржано предавање на тема „Воена професија“.