Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се обрати на работниот состанок на Амбасадорскиот совет, што во организација на МНР се одржува во Клубот на пратениците во Скопје.
Премиерот Заев, на состанокот на тема, „ЕУ перспективата на Република Северна Македонија“ во пресрет на Советот на ЕУ во октомври“, пред присутните амбасадори и вршители на работи од дипломатските и конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, изрази очекување дека ЕУ ќе ги вреднува постигнатите резултати на земјава, на внатрешен и надворешен план и по системот на заслуги и ќе донесе позитивна одлука за почеток на преговорите на нашата земја со Унијата. Премиерот Заев испрати порака “да продолжиме да градиме пријателства“ и секој да вложи максимални напори во историските позитивни промени што се случуваат во и за нашата држава.
„Шансите да ја добиеме долго очекуваната позитивна одлука за почеток на преговорите со ЕУ се реални, а тоа ќе биде силна мотивација за граѓаните, институциите и за државата да продолжат да чекорат напред кон современиот свет. Бенефитите за граѓаните од интеграцискиот процес со НАТО и придвижувањата во европските интеграции веќе се чувствуваат, имаме добри економски резултати и тие само ќе се зголемуваат. Политиките на соработка со соседите на надворешен план и со опозицијата на внатрешен план исто така даваат резултати и ние како Влада, и покрај позитивниот Извештај од ЕУ за спроведените реформи, ќе продолжиме да даваме нови аргументи дека како држава и како граѓани нашето место е во ЕУ и во НАТО. Како Влада, ги создадовме сите услови за функционирање на правната држава и очекуваме ефикасна правосудна разврска на сите случаи поврзани со сомневања за корупција, вклучително и на актуелниот случај, бидејќи со прашањето за справување со корупцијата се соочува целиот современ свет и она што е најважно е дали и како државата може да се справи со таквите појави. Исто така очекувам со двотретинско мнозинство да биде изгласан и Законот за јавно обвинителство, за што се водат посветени разговори со опозицијата, да се обезбеди потребниот консензус. Затоа апелирам за внимателност, стручност и посветеност во една од најважните години за перспективите на Република Северна Македонија“, рече, меѓу другото, премиерот Заев.
На состанокот се обратија и вицепремиерот Османи и домаќинот, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, посочувајќи на одлуката за почеток на пристапните преговори на нашата држава со ЕУ, како клучен приоритет во евроинтеграцискиот процес.
Заменик претседателот на Владата, Османи, во разговорите со присутните потсети на Извештајот на Европската Комисија во којшто се потенцирани постигнатите резултати, особено високиот степен на имплементација на реформите од плановите 18 и 369, вклучително и на напредокот постигнат во клучните реформски области, дефинитивни во заклучоците на Европскиот совет. „Имаме признаен напредок којшто покажува дека заслужуваме и јасна оценка дека сме подготвени за старт на преговорите, но таа оценка мора да ја пренесеме до секоја земја членка, до секоја метропола на ЕУ и да ги убедиме сите, со цел да ѝ го обезбедиме на земјава потребниот консензус за напредок во европските интеграции“, е пораката од вицепремиерот за европски прашања, Османи.
Министерот за надворешни работи, Димитров, повика на максимална координација и посветеност во последните месец и половина до Советот на ЕУ. „Да ја искористиме оваа историска шанса и да имаме заеднички успех со ЕУ во октомври, кога од Советот на ЕУ очекуваме да добиеме одлука за датум за почеток на преговорите. Натамошните резултати во реформите на домашен план, до Советот на ЕУ на 15. октомври се дополнителен придонес кон позитивен исход за Република Северна Македонија и отпочнување на очекуваниот преговарачки процес со ЕУ“, рече, меѓу другото, министерот Димитров.
На работниот состанок зборуваа и присутните амбасадори и вршители на работи од дипломатските и конзуларните претставништва на Северна Македонија со коишто се разменети мислења за актуелни политички прашања.