Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска имаше свое обраќање на завршниот настан за реализацијата на проектот на ЕУ, ИПА и Светска банка за рурална инфраструктура којшто се одржа во Клуб на пратеници во организација на проектната единица МСИП.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев.
„Задоволство ми е што денеска сум овде со вас заедно да го одбележиме овој значаен Настан по повод успешната реализација на ЕУ ИПА грантот за рурална инфраструктура.
Со овој проект реализирани се 135 под-проекти во 78 општини на ниво на цела држава во рамки на МСИП проектот кој го спроведува Министерството за финансии.
Вкупната вредност на проектите изнесува 1,3 милијарди денари, од кои 1,2 милијарди денари се средства кои беа обезбедени со ИПА грант, додека 97 милиони денари се општинско кофинансирање.
На почетокот сакам да изразам благодарност до Европската Унија и до Светска банка за поддршката која ни ја обезбедуваат за реализација на вакви значајни проекти, но и на тимот во рамки на Министерството за финансии, единицата за имплементација на Проектот за подобрување на општинските услуги - МСИП.
Почитувани,
Инфраструктурниот развој на руралните средини се клучни за севкупниот наш економски развој.
Од таму капиталните инвестиции насочени кон нови реконструирани патишта, нови градинки, училишта, проекти кои ќе им помогнат на семејствата од руралните средини да имаат пристап до почиста вода се наш приоритет. Со поддршката на нашите партнери ЕУ и Светска банка ја градиме Република Северна Македонија и овозможуваме низ повеќе градови, села и населени места да се подобруваат условите за живот на граѓаните.
Реализацијата на проектите овозможуваат вистински одржлив економски, социјален и територијален развој на земјата и влијаат врз намалување на регионалните разлики преку изградба и подобрување на инфраструктурата во руралните средини. Само преку овој посветен пристап кон реализација на ваков тип проекти може да очекуваме и зголемување на рамномерниот регионален развој.
Ние како Влада и јас како премиер на Република Северна Македонија се грижиме за обезбедување на еднакви услови за живот за сите граѓани.
Сакам подеднакво да бидат задоволни и жителите на Зрновци и жителите на Ростуше, Куклиш, Виница и насекаде низ нашата убава земја.
Затоа задоволен сум што имаме реализација од 98 проценти од капиталните проекти предвидени во рамки на овој проект.
Населените места Зрновци, Сопиште и Бардовци добија нови градинки, а со пренамена на општинските згради градинки добија и Куклиш и Муртино. Со овие инвестиции згрижуваме над 400 деца. Се изгради локалниот пат Обедник-Смилево-Манастир Св. Петар – Боиште, како и од село Сирково до село Росоман. Се подобри системот за водоснабдување во Гевгелија од чија изградба директен бенефит имаат 19 илјади жители. Воедно се изгради фабрика за вода за пиење во село Трсино во општина Виница.
Дополнително во рамки на ИПА компонентата се обезбедија средства за енергетски ефикасни општински проекти, односно поставени се фотоволтаични системи во јавни објекти во општините. Со оваа активност опфатени се 36 општини од 4-те региони со понизок БДП по глава на жител. Фотоволтаичните системи се поставени во објекти на училишта, противпожарни станици, административни згради, пречистителни станици и сл.
Дел од средствата од ЕУ ИПА грантот за рурална инфраструктура се искористија и за набавка на 10 универзални ровокопачи - натоварувачи за потребите на 30 рурални општини. Ровокопачите се набавени и предадени на општините за понатамошна употреба. Овие возила ќе помогнат при одржувањето на патиштата, чистење канали, копање на ровови и слични активности кои се во рамките на општинските надлежности.
Во однос на преостанатите ИПА средства од компонентата која е наменета за техничка помош, како и компонентата за рурална инфраструктура за општините кои останаа како резултат на имплементирани проекти, после консултациите помеѓу Европската комисија, Светска банка, Министерството за финансии и останатите засегнати агенции и институции, донесена беше одлука останатите средства од оваа компонента да се искористат за набавка на 10 универзални ровокопачи – натоварувачи за потребите на руралните општини.
Овие конкретни примери ја покажуваат значајната улога што овој проект ја има во развојот на руралната инфраструктура.
Уште еднаш изразувам голема благодарност до нашите стратешки партнери Канцеларијата на Европскта Унија и Светската банка за безрезервната поддршка што ни ја пружаат за економски развој на нашата земја.
Секако сите заедно, општините, Владата и граѓаните поддржани од нашите партнери продолжуваме да ја градиме Република Северна Македонија и да овозможуваме подобри услови за живот на граѓаните!“