Тодоров: Сегашната законска регулатива не предвидува двојазични рецепти и упати

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали албанскиот јазик треба да се применува во здравствените установи и дали ќе има двојазични рецепти и упати, рече дека тоа е изјава која ја дал државнот секретар, и оти во сегашната законска регулатива такво нешто не е предвидено.

- Утрото немав можност да се видам со него и да разговарам која била идејата. Генерално ние во Република Македонија имаме Рамковен договор, имаме преточени одредби  од Рамковниот договор во Уставот, имаме Закон за употреба на јазиците, имаме Закон за здравствена заштита и тие многу детално, многу прецизно ја регулираат оваа област. И нема такви елементи во ниту еден од законите, истакна Тодоров.

Имајќи предвид, посочи тој, дека голем број од граѓаните кои доаѓаат и ги користат здравствените услуги комуницираат на јазик различен од македонскиот, можеби во тој дел треба да се направат некои чекори за подобра комуникација.

- Во здравствените установи и тука на Клиниката за радиологија има едни пултови  на кои двојазично е напишано, треба да праша човек и да се информира. И на македонски и на албански. Веројатно мислел на таков начин, додаде Тодоров.