Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, како дел од своите активности, оствари средба со премиерот на Белгија, и иден Претседател на Европскиот Совет, Шарл Мишел.
На средбата, на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, премиерот Заев го запозна белгискиот премиер Мишел за актуелните активности на Владата поврзани со очекувањата на Европскиот Совет во октомври, Северна Македонија да го добие датумот за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ.
Двајцата премиери низ разговорот на средбата потврдија дека Северна Македонија во последните две години направи исклучителен прогрес во остварувањето на реформските процеси дома, како и во остварувањето на стандардите во процесот за пристапување во членство во ЕУ, преку одличната соработка со европските институции.
Од своја страна, белгискиот премиер Мишел ги поздрави досегашните успеси на Северна Македонија во процесот на остварување на европските интеграции и изрази надеж дека иницијативноста во таа насока ќе продолжи и во наредната фаза на преговори.