Премиерот Заев се сретна со Претседателот на Кипар Анастијадес: Поддршката на Кипар во решавањето на прашањето за името со Грција ги постави темелите за силни пријателски односи меѓу двете земји

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, како дел од активностите на маргините на Генералното собрание на ОН, се сретна со Претседателот на Кипар Никос Анастијадес.

На средбата на која присуствуваа и заменик претседателот на Владата за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, беше изразено големо задоволство за воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.

Премиерот Заев во разговорот ја нагласи исклучително позитивната и конструктивна улога што Кипар ја одигра во поддршката на процесот и решението на проблемот со името со Грција, и додаде дека сега, кога оваа пречка е конечно надмината, се очекува целосна и силна поддршка од Кипар во актуелната фаза од нашиот процес за членство во ЕУ, кога се очекува позитивна одлука за старт на преговорите наредниот месец.

На средбата беше истакнато дека Република Северна Македонија е подготвена целосно да го прифати развојот на пријателски и сеопфатни односи со Кипар во сите области од заемен интерес, особено во делот на економската соработка, зголемување на обемот на трговијата во областите на земјоделството и прехранбената индустрија, туризмот, банкарството и финансиите и во други области.