Ристовски: За работодавачите кои нема да исплатат минимална плата глоба од 6000 до 7000 евра

Работодавачот ако на работникот не му исплати минимална плата ќе заработи глоба во износ од 6000 до 7000 евра, а доколку тоа не го направи одговорното лице кај работодавачот ќе му се изрече глоба од 3000 до 4000 евра. Ова  е предвидено со Законот за минимална плата на Република Македонија кој почна да се применува од почетокот на оваа година.

Инспекторите на Државниот инспекторат за труд од 15 февруари почнаа да контролираат во делот на исплатата на минималната плата за 2012 година.

- Кај работодавачите каде што во договорите за вработување е предвидена пониска плата од утврдената минимална плата за 2012 година, инспекторот со решение ќе ги задолжи  во анекс договорите да се утврди минимална плата, рече на  денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој очекува доследна примена на Законот за минимална плата бидејќи е поддржан од сите социјални партнери.

- По цели 20 години Владата, Министерството за труд и социјална политика и партнерите во социјалниот дијалог врз основа на претходно направени согледувања го утврдија износот на минимална плата од 8050 денари, истакна Ристовски.

Министерот рече дека казни се уште не се изречени, но оти се констатирани обиди за изигрување на Законот за минимална плата. - Работодавачите да не се обидуваат да прават различна пресметка на платата, затоа што се знае што е плата, што е бруто износ на плата, што е храна и превоз пресметани во основната плата, а доколку не го почитуваат законот ќе бидат санкционирани, додаде тој.