Презентирана Годишната програма за одбележување на јубилејот 20 години АРМ

Создавање Армија на иднината, престижна, професионална и модерна по принципот на гарантирање мир и стабилност, институции со висок кредибилитет, како и модел за градење доверба и меѓусебно почитување е нашата клучна заложба, рече министерот за одбрана Фатмир Бесими во денешното обраќање на презентацијата на Годишната програма за одбележувањето на јубилејот 20 години АРМ.

Остануваме посветени, додаде, на реформите и придонесот за евроатлантските интеграции како најдобра алтернатива за иднината на Република Македонија.

- Посветено продолжуваме да работиме на остварување на зацртаните цели, интеграција во евроатлантските структури, придонес во регионалниот и глобалниот мир, добрососедски односи со сите земји од регионот, истакна министерот.

Тој најави дека во оваа јубилејна година ќе почне нов процес на трансформација на Армијата во поефикасна, со значително поголема борбена моќ, пат на кој ќе биде неопходно да се зголемат и вложувањата во современа воена опрема.

Според Бесими, националните одбранбени реформи во услови на економска криза се нов голем предизвик пред кој се исправени владите на сите земи од Југоисточна Европа.

- На ниво на министри за одбрана во рамки на А-5 договоривме да се стори многу повеќе од досегашните заеднички активности. Иновативниот концепт на НАТО т.н. паметна одбрана може да претставува и за нас стратегиски водич во справувањето со современите предизвици. Заедно ќе работиме на регионалните капацитети и способности за воздушно набљудување и јавување, за противвоздушна одбрана и модернизација на националните вооружени сили, нагласи Бесими.

Осврнувајќи се на патот низ кој поминаa одбраната и Армијата со сите досега спроведени реформи и со политичките определби, Бесими нагласи дека Македонија успеа да се трансформира од увозник во извозник на мирот на глобално ниво.

- Во 1992 година во касарните почна да пристигнува првата генерација регрути, во 1995 Република Македонија го почна својот пат кон евроатлантските интеграции, а АРМ истовремно ја почна својата трансформација за поддршка на националните интереси, стана отворена за професионални војници и жени. Врз основа на Стратегијата за одбрана од 1998 година Армијата се преструктуираше во помала структура и стартуваше со процесот на модернизација. По 2002 низ трансформацијата во современа вооружена сила според НАТО стандардите, АРМ го почна долготрајниот придонес во меѓународните мировни операции, посочи министерот.

Според началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, АРМ денес, како институција, ужива најголема доверба кај македонските граѓани. Израсна во современа и модерна воена организација во чии редови има припадници од сите етнички заедници. 

За релативно кус период Армијата успеа да ги достигне бараните стандарди на НАТО и рамноправно да учествува во меѓународните мировни мисии со партнерите на Алијансата. Изминатите десет години околу 2.500 припадници на АРМ беа најголемите амбасадори на Република Македонија. Тие дадоа придонес во изградбата на мирот и стабилноста во светски рамки.

- Големите достигнувања и предизвици не обврзуваат и натаму да се развиваме и изградуваме, да не отстапиме од патот на евроатлантските интеграции поради што денес како Армија сме рамноправен и посакуван партнер на НАТО. Продолжуваме по истиот пат со цврсти чекори под мотото „Заедно, чесно и одговорно“, потенцира Котески.

Во рамки на прославата 20 години АРМ ќе бидат организирани повеќе настани и научни трибини на кои воените ветерани, сегашните генерации војници, резервистите, историчарите, хорничарите, медиумите, стручната и научната јавност ќе ја раскажат и претстават целосната приказна за развојот на Армијата на Република Македонија. На меѓународната конференција во формата на А5+ ќе стане збор за улогата на АРМ како инструмент на надворешната политика на регионален и евроатлантски план.

На денешната свеченост во Домот на АРМ присуствуваа државни претставници, амбасадори и воени аташеа акредитирани во Република Македонија, генералите во АРМ, клучниот персонал во Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, командантите на потчинетите команди и единици, истакнати личности од областа на културата и уметноста, како и други високи гости.

Презентацијата ја одбележаа изведбата на воениот оркестар и воените знамиња на единиците на АРМ.