Одлуките да ги прошируваат своите производствени капацитети и да реализираат нови инвестициски циклуси на странските компании кои веќе работат во земјава се најдобра потврда за стабилното и предвидливо економско опкружување кое го создадовме преку активните политики за поддршка на инвестициите, истакна министерката Зорица Апостолска на вчерашната средба со менаџментот на германската компанија ВИК Груп, од каде што најавија планови наредната година да реализираат дополнителни инвестиции во проширување на производствените капацитети и асортиманот на производи на постоечката фабрика во ТИРЗ-Прилеп.
„Успешното работење на ВИК Груп, плановите за понатамошно технолошко унапредување на компанијата и отворањето на нови работи места за жителите од Пелагонискиот регион, испорачуваат реални економски ефекти за нашето стопанство, кои ќе значат и повисок животен стандард за граѓаните“, рече министерката Апостолска при вчерашната посетата на компанијата, притоа информирајќи ги претставниците на компанијата за можностите и придобивки кои им стојат на располагање со понатамошното развивање и унапредување на владините економски политики за поддршка на инвестициите.
Министерката Апостолска истакна дека преку програмите на Планот за економски раст Владата и годинава продолжува да биде фокусирана на поддршка на стопанството, во чиј рамки преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите домашни и странски компании ќе бидат поддржани за реализирани инвестиции во 2018 година, кои ќе значат и отворање на нови и добро платени работни места достапни за граѓаните на Република Северна Македонија.
Посетата на компанијата министерката Апостолска ја искористи и да направи обиколка на фабриката, да се запознае со производствениот процес на мали електрични уреди кои наоѓаат примена во домаќинствата и се пласираат на светските пазари од страна на ВИК Груп.
ВИК Груп е германска компанија со која министерката Апостолска во име на Владата потпиша Договор за државна помош во 2018 година, согласно кој компанијата преку пет годишен инвестициски циклус планира да вложи 12 милиони евра.