На ФЕИТ отворен третиот меѓународен натпревар по роботика „Робомак 2012“

Стекнувањето нови знаења од областа на роботиката заедно со програмирањето и практичната изработка на роботите се основна цел на меѓународниот натпревар по роботика „Робомак 2012“ што од денеска до 25 февруари се одржува на Факултетот за електротехника и информатички технологии во Скопје (ФЕИТ). 

На годинашното, трето по ред издание на Робомак, организирано од меѓународните студентски организации IEEE и EESTEC, учестуваат 110 студенти од кои 35 се од странство и тоа од Шпанија, Финска, Шведска, Швајцарија и од сите балкански земји. Тие ќе се натпреваруваат во пет дициплини - роботска трка, лавиринт, сумо, вештачка интелегенција и хуманоид. 

- Живееме во време кое е на работ на голема трансформација во однос на алатките кои произлегуваат од информатичките и комуникациските технологии. Во наредните неколку декади ќе имаме паметни машини кои длабоко ќе бидат навлезени во нашите канцеларии, домови и средините во кои работиме, како и во производството, образованието, медицината, војувањето и обезбедувањето. Како што овие машини ќе ги заменуваат работните навики на човекот, така човекот ќе треба  се повеќе да се едуцира и да стане интелектуално способен за да може да ги програмира, им порача на учесниците министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски во своето обраќање на отворањето на Робомак.

Дилемата, нагласи, останува до кога и како роботите, кои се повеќе стануваат секојдневие во нашиот живот, ќе ги заменуваат основните задачи  кои ги извршува човекот.

- Тоа ќе биде предизвик за младите генерации да го надградат своето образовние за да можат секојдневните навики да им ги пренесат на роботите, рече Ивановски.

Тој посочи дека според најавите кои доаѓаат за новите професии во 2020 година може да се заклучи дека најбарани ќе бидат трансдиципливност, дизајн, нови и адаптирани размислувања, социјални интелегенции, нови медиуми, натпреварувачки размислувања, меѓукултурни конкуренции, виртуални соработки.

- Владата посветува големо внимание на иновациите и претприемништвото и се надевме дека Македонија ќе ја ставиме повисоко на Индексот за глобална иновативност од местото на кое се наоѓаме денеска. Затоа се ангажирани консултатни  кои  ќе ни помогнат да ги идентификуваме слабостите на постоечкиот систем за да направиме подобар кој Македонија ќе ја рангира на многу повисоко место, рече министерот Иво Ивановски.