Премиерот Заев на конференција на Светската царинска организација: Владата на РСМ ја подобрува силната и меката инфраструктура и еднакво ги распределува придобивките од слободната трговија и економскиот раст

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се обрати на отворањето на 14. ПИКАРД конференција на Светската царинска организација, во присуство на околу 200 лица од повеќе од 80 земји, царински експерти, професори, консултанти.

На конференцијата, организирана од Царинската управа на РСМ, се обратија генералниот секретар на Светската царинска организација, Кунио Микурија, генералната директорка на Институтот за царински и гранични контроли на Царината на Кореа, Ана Чо, и директорот Царинската управа, Ѓоко Танасоски, во својство на домаќин.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев.

„Добредојдовте во Република Северна Македонија на сите гости. Се надевам дека ќе понесете со вас убави искуства професионални, но секако и убави спомени од нашата земја.

Особена чест и задоволство ми е да ја отворам и да се обратам на 14-тата ПИКАРД конференција на Светската царинска организација во име на Владата на Република Северна Македонија.

На почетокот сакам да се заблагодарам на Светската царинска организација, особено на генералниот секретар на Царината на Кореа и генералниот секретар на Светската царинска организација за организацијата на годинешната ПИКАРД конференција во нашата држава, под темата „Паметни граници за непречена трговија, патување и транспорт“, како исклучително важна за царинската администрација ширум светот.

Во некои делови на светот денес, народот и владите ја изгубија надежта и ентузијазмот за отворени пазари. Тие денес отворено го поставуваат прашањето за вредноста и придобивките од соработката во меѓународната трговија. Некои ги гледаат меѓународните правила како пречка за нивната суверена контрола.

Сакам да Ве уверам дека тоа не е случај во нашата држава. Република Северна Македонија целосно ја прифати економската интеграција на земјите од регионот, на европскиот континент и на светско ниво. Ние имаме јасна определба: Македонската Влада одлучи да се движи напред во соработка со соседите и со сите земји; ги прифати придобивките од слободната трговија; и, наместо преземање контрола, Владата на Северна Македонија го потврдува ставот дека меѓународната инклузивност е многу посилна отколку стоењето настрана.

Меѓународната трговија е средство, а не цел. Таа е средство за создавање и зголемување на додадената вредност, подобрување на животниот стандард и создавање на нови и подобри работни места.

Вистинскиот тест за било која владина трговска политика е влијанието што таа го има врз животот на граѓаните и во таа насока гледам два важни предизвици, во кои со гордост кажувам дека нашата Влада е вклучена.

Првиот предизвик е силната инфраструктура – добри патишта, железници, воздушни врски и дигиталната поврзаност, како и така наречената мека инфраструктура – тоа се политиките, алатките и информациите. За претприемачите и трговците потребно е поддржувачко и одговорно политичко опкружување.

Вториот предизвик е еднаквоста и инклузивноста, како и еднаквата распределба на придобивките од слободната трговија и од економскиот раст.

Почитувани дами и господа,

Дозволете ми да се осврнам на неколку достигнувања на Владата во изминатиов период, а поврзани со меѓународната трговија и севкупната економија.

Податоци од Ревизијата на трговската политика на Република Северна Македонија објавена на 15 јули, 2019 година, од страна на Светската трговска организација покажува огромен напредок на нашата земја споредбено 2018 со 2012 година.

Светската трговска организација цели дека бруто домашниот производ (БДП) во периодот на ревизија по глава на жител пораснал за повеќе од 40%, а невработеноста се намалила од 31,0% на 18,7%, тоа е податок 2013-2018 година.

Светската Трговска организација констатира дека дефицитот во тековната сметка се намалил од 240 милиони евра (3,2% од БДП) во 2012 година на 31,9 милиони евра (0,3% од БДП) во 2018 година. Ова се должи на намалувањето на дефицитот во трговскиот биланс и на зголемувањето на вишокот на балансот на услугите.

Во ревизијата на трговската политика на Република Северна Македонија објавена на 15 јули, 2019 година, од страна на Светската трговска организација е запишано дека нето-приливите на странски директни инвестиции (СДИ) се зголемиле од околу 131 милиони евра во 2012 година на 622 милиони евра во 2018 година. Тоа значи дека директните странски инвестиции во бруто домашниот производ (БДП) во 2012 година учествувале со 1,5%, а во 2018 година со 5,8%.

Тоа е бројките. Тие се неминовни показатели дека економијата ни е на добар пат. Дека Северна Македонија го избра добриот пат.
Во оваа насока, целосната имплементација на мерките и инструментите на Светската царинска организација треба да придонесат за постојана модернизација и реформа на царинскиот систем, царинските постапки, процесите, политиките и на царинското законодавство. Ова треба да придонесе за напредок во технолошките капацитети и намалување на непотребните барања за движење на стоките преку границите.

Владата на Република Северна Македонија и Царинската управа се целосно посветени на имплементација на конвенциите, инструментите и алатките на Светската царинска организација. Процесот на дигитализација на Царинската управа и на царинското работење треба значително да придонесат за развој на надворешно трговското опкружување. Дигитална и без-хартиена царинска околина, значи дека од 1 јули оваа година се исфрлени царинските декларации, а од 1 јануари 2020 година целосно извозно работење треба да се одвива без хартија. Тоа треба значително да го поевтини и да го поедностави извозот на стоки.

Истовремено, со воведувањето на заедничките гранични контроли ONE STOP SHOP, на граничните премини Табановце со Србија, и наскоро на Ќафасан со Албанија, треба да придонесат за уште поголемо интегрирање на нашата економија во глобалните синџири на снабдување.

Горд сум што и вака малите земји, како нашата, можат да бидат организатори на вакви конференции, каде претставници на царинските управи од целиот свет, меѓународни организации, универзитетите и приватниот сектор ќе дискутираат на теми што се мошне важни и актуелни не само за големите земји, туку за сите во општо земји. Темите како што е-трговијата, аналитика на податоци, вештачка интелигенција, технологија и анализа на ризик, значително треба да придонесат за подобро разбирање на идното царинско и надворешно трговско работење.

Убеден сум со одличните трудови и презентации на оваа конференција значително ќе придонесат во оваа насока.

Ви посакувам успешна работа на оваа конференција и пријатен престој во нашата држава.

Благодарам“.