Денеска, експертите од Светска банка ги презентираа наодите од спроведената функционална анализа на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Оваа анализа ги детектира главните проблеми во организацијата и функционирањето на министерството, коишто влијаат на ефикасното функционирање на секторите.
“Анализата покажа кои организациони единици се соочуваат со преоптовареност или пак со недоволно работни обврски. Тој податок помага подобро да се дефинираат одговорностите, да се идентификува кои делови ги извршуваат деловните процеси помалку ефикасно од другите и како резултат на тоа, кои организациони единици би требало да се дополнат, променат или да се спојат со други единици, се со цел да се зголеми ефикасноста на работните процеси”. –изјави министерот Димковски.
Функционалната анализа е спроведена со цел да се достигнат целите на националните и европските политики.
Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската унија заедно со Силвија Маури, висок специјалист за земјоделство од Светска Банка, изјавија дека се задоволни од соработката со вработените во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Функционалната анализа ќе биде двигателот на процесот на подобрување на ефикасноста и ефективноста на државните службеници вработени во секторот, позитивен инпут ќе има во сите области од секторот: подобро искористување на странските и домашните фондови, рурален развој, модернизација на земјоделско производство, маркетинг на земјоделски производи, зголемување на конкурентноста на македонските земјоделски производи на странските пазари.
Тие и понатаму ќе го подржат процесот и ќе помогнат во имплементација на препораките дадени во денешниот извештај.
Земјоделието е многу важен сектор во секоја држава. Инвестирањето во развојот на капацитетите и реорганизација на работните места ќе ги донесе квалитетните и компетентни државни службеници на вистинските работни места со цел подобрување на ефикасноста и ефективноста на вработените за нивна подобра искористеност во задоволувањето на барањата и потребите на земјоделците.