Премиерот Заев: Голема е разликата меѓу овој повик за вонредни избори и оние што во серија ги правеше Груевски, ние тоа го правиме по редица успеси и одговорно бараме мандат за да продолжиме по исправниот пат

Голема е разликата меѓу повикот за вонредни избори кои ги иницирав во оваа 2019 година и серијата вонредни избори што ги иницираше Груевски од 2008 до 2014 година. Со почетокот на идната година ние влегуваме во четвртата година од нашиот мандат, а Груевски тоа го направи уште во втората година, рече претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во емисијата „Отворено“ на ТВ 24. 

„Груевски тоа го направи прв пат во 2008 година после неуспехот на неговата Влада во Букурешт. Ние тоа го правиме после серија успеси. Признаени од целиот свет. Европа ни призна. Заради нивни внатрешни дебати и нерешени прашања не го добивме очекуваниот датум за преговори за пристапување. За неколку месеци ние ќе бидеме полноправна членка на НАТО. Тоа е исполнување на една од двете стратешки цели на државата. Тоа е остварување на една од двете стратешки цели на државата, а прашањето за отворање на преговорите за членство во ЕУ е прашање на време“, додаде премиерот Заев. 

Тој додаде дека за две години се остварени достигнувања кои претходно 10 години беа блокирани заради политиките на претходната Влада.

„Ние за две години ги решивме сите отворени билатерални прашања. Остваруваме ефекти од реформите. Нашите анкети велат дека имаме предност од три проценти. Тоа е резултат на мандат кој трае две години и 4 месеци, затоа што ни беа одземени 6 месеци. Сега имаме ликвиден буџет, континуирано покачување на платите секој месец. Минималната плата е зголемена за 60% од висината на минималецот пред првата корекција во 2017 година. Имаме повеќе од 8% раст на приходите во Буџетот. Сето тоа оди во прилог на придобивките од реформите, од сигурноста што ни ја обезбедува сосема извесното членство во НАТО и од нашите интегративните процеси во ЕУ“, истакна премиерот Заев и потенцираше дека за нашето членство во ЕУ нема алтернатива.

 


Премиерот Заев: Нема да дозволам некој да обвини дека вината е кај нас, нашата земја го направи најдобриот перформанс во поглед на сите реформи споредено со останатите земји на Балканот

Ние Европа ја сакаме, затоа што сакаме да го имаме она што го има во Германија, Холандија и развиените земји и продолжуваме и со стратешкото партнерство преку НАТО и САД, истакна премиерот Заев во емисијата „Отворено“ на ТВ 24.

„Ние сме за унапредување на соработката внатре во Западен Балкан, но во духот на Берлински процес, на европската економска агенда, на сето она коешто ќе нè приближи побрзо кон нашето полноправно членство кон ЕУ“, истакна премиерот Заев, додавајќи дека нема да дозволи никој да обвини дека вината е кај нас, кога нашата земја го направи најдобриот перформанс во поглед на сите реформи, споредено со останатите земји на Балканот.

„Ќе продолжиме да работиме и ќе ги следиме европските вредности, да дадеме повеќе аргументи да ја промениме одлуката во наша полза“, нагласи премиерот Заев во однос на очекувањата за нова одлука од ЕУ во мај.

Тој се осврна и на потребата, изборите да им дадат простор на граѓаните да одлучат по кој пат ќе продолжат, по патот по кој земјата се движи последните две години или пак по патот на разединувањето, национализмот и поттикнувањето на нетрпеливоста кон одредени заедници коешто се правеше во минатото.