Стратешкиот дијалог за унапредување на прогресивните и напредни решенија за предизвиците со кои се соочува Северна Македонија и регионот продолжува и попладнево во Охрид во присуство на заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Кочо Анѓушев, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерот за економија, Крешник Бектеши, посебниот советник на премиерот Заев и Главен технички преговарач за ЕУ, Бојан Маричиќ, како и голем дел на дипломати од НАТО и ЕУ.
Темите на дискусиите се насочени кон евроатлантските аспирации на Република Северна Македонија, како и кон стратегијата за реформи кои ги презема Владата во оваа насока.
Дискутантите се сложија дека евроатлантските интеграции обезбедуваат сигурност за домашните бизниси и се стремат кон групирање на своите капитали и ресурси. Конечната цел на ваквиот тренд треба да биде лесна адаптација и брза интеграција во тековните бизнис процеси во кои се вклучени членките на НАТО и на ЕУ.
Отвореноста на европскиот пазар, како и безбедносните гаранции кои ги нуди членството во НАТО овозможуваат формирање на нови бизнис идеи, како и создавање на нови работни места посебно за младата популација. На оваа тема беше дискутирано и за мигрантските трендови помеѓу младите луѓе, кои не се загрижувачки тренд само во Северна Македонија, туку и во цела југоисточна Европа.
Имајќи ги предвид овие индикатори, потребно е развивање на сеопфатна стратегија која би ги задржала младите луѓе во нивните татковини преку отворање на гореспоменатите перспективи што е можно побргу.
Охридскиот дијалог кој е во организација на Охридската група, Владата на Република Северна Македонија и Атланскиот совет, продолжува во текот на целиот викенд.