Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши, одржаа прес-конференција за одлуките на Владата во врска со склучување на договори со 171 домашна компанија кои аплицирале за користење на мерките по Законот за финансиска поддршка на инвестициите, којшто е донесен во мај 2018 година.
Вицепремиерот Анѓушев потсети дека оваа година се извршени измени и дополни на Законот за финансисика поддршка на инвестициите со кои е зголемен опфатот на компании кои имаат можност да аплицираат за државна поддршка согласно Законот. Сега, за мерките од овој Закон, може да аплицираат и компаниите од ИТ индустријата, компании кои се занимаваат со преработка на земјоделски производи и не добиваат поддршка од ИПАРД програмата, градежни компании кои реализираат инвестиции во производствени процеси, како и сите други компании кои инвестираат во производство, без разлика како се регистрирани. Оваа година вкупно се донесени одлуки за потпишување на договори со 171 компанија, што е речиси двојно повеќе од 2018 кога тој број изнесуваше 97, додека вкупните инвестиции кои овие компании ги наведуваат во своите бизнис планови за наредниот период до 5 години надминуваат 230 милиони евра и предвидуваат вработување на околу 4500 лица.
„Во 2019 година, како никогаш досега, издвоени се средства од буџетот за поддршка на економијата и тоа во висина од 55 милиони евра, кои ако се споредат со претходната година кога изнесуваа од 40,7 милиони евра, претставува раст за 37%. Не сакам да споредувам со тоа што било поддржано директно во компаниите претходните години, особено во македонските компании каде што поддршката до 2017 година беше 0 или многу мала, односно занемарувачка, претставена преку мали програми, но не вака интензивна и рамноправна за сите компании во нашата држава без разлика дали се домашни или странски.
Сето ова, сета оваа индустријализација, сите овие ефекти од овој закон предизвикаа раст на БДП од 3,6% во првата половина од годината, односно раст од 4,1% во првиот квартал на 2019 и раст од 3,1% во вториот квартал на годинава, а очекуваме и во третиот квартал исто така добри бројки.
Воедно, ако се спореди периодот од јануари до септември 2019 година во споредба со истиот перид во 2018 година, бележиме раст од 5,6% на индустриското производство од кои само во последните месеци се гледа забрзан раст и тоа во август 2019 наспроти август 2018 година - 9,8% и септември 2019 наспроти септември 2018 година - 6,1%. Извозот од државата расте со стапка од 14%, невработеноста како резултат на ова, се разбира, паѓа. Се вработија 54.000 граѓани во овие две години и невработеноста падна на најниските 17,5%“, потенцира вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за економија Бектеши подвлече дека една од главните цели на Владата е да одржува континуиран дијалог со бизнис заедницата за да се излезе во пресрет на барањата на фирмите за подобрување на бизнис климата и дека токму на барањата на бизнис секторот се направени измени и дополни на Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Тој додаде дека оваа година се склучени вкупно 171 договор за државна поддршка од кои 120 се нови договори со компаниите, додека 51 се анекси на веќе склучени договори, кои аплицирале во 2018 година.
„Овие 120 компании, кои склучуваат нови договори, веќе во 2018 година, реализира инвестиции од над 110 милиони евра и вработија над 2100 лица. Тоа значи дека компаниите инвестираат, отвораат нови работни места, ги зголемуваат своите производствени капацитети, вкупното производство со поддршка на државата. Сето ова придонесе за раст на целокупната економија, намалување на бројот на невработени, зголемување на извозот, но и воведување на нови технологии во производствените процеси што е стратешката цел на оваа Влада“, нагласи Бектеши.
Гледајќи поединечно најголем број на инвестициски проекти, вкупно 37 доаѓаат од Скопје, компаниите од Кавадарци имаат инвестирано највисока сума во 2018 година, некаде во вредност од над 50 милиони евра, додека најголемиот дел на вработени, околу 1000 лица, се во компании кои работат во Битола.
На прес конференцијата присуствуваа и министрите задолжени за странски инвестиции: Елвин Хасан, Зорица Апостолска, Бардуљ Даути, министерот задолжен за унапредување на правната регулатива за домашни компании Хисен Џемаили, како и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски, кои се и потписници на договорите со компаниите.
Преземете ја презентацијата План за економски раст - Силна поддршка за реална економија