Вицепремиерот Пешевски ги презентира македонските искуства за ЈПП на светската конференција во Женева

Неможноста за обезбедување доволно финансии и техничка експертиза се клучните причини поради кои се препорачува спроведувањето на принципот јавно-приватно партнерство (ЈПП). Анализите на меѓунардните финансиски институции покажуваат дека земјите во развој треба да издвојуваат меѓу 8 и 10 отсто од БДП за инфраструктурни проекти, но овој таргет ретко се достигнува.

Ова се заклучоците од денешните панел дискусии на меѓународната конференција за ЈПП во Женева што попладнево ги изнесе вицеперемиерот Владимир Пешевски.

- Секоја држава има проблем со обезбедување средства за инфраструктурни проекти, а ретко има и доволно капацитети за спроведување капитални проекти, како при изградба, така и при управување. Оттука е потребата да се вклучи приватен партнер кој со своето знаење и искуство може да придонесе за поефикасно менаџирање, напомена Пешевски.

Македонија, изјави по обраќањето, има позитивни искуства во делот на јавното приватно партнерство, како што е концесионирањето на аеродромите, проект со кој Владата покажа дека знае како да го спроведе до крај.

Учесниците во дебатата посочија зошто јавните приватни партнерства се важни за економскиот развој на државите, укажаа на различните начини за нивно реализирање и како глобалната криза се одрази во овој сегмент, но беа презентирани и повеќе успешени приказни. Лидер во имплементација на проекти по принципот на ЈПП, беше речено, е Велика Британија.

ЈПП е најпогодно за остварување големи проекти, од инфраструктурата, вклучувајќи транспорт, железница, патишта, здравство, енергетика, образование. Македонија за 2012 година предвидува инвестиции во капитални проекти од речиси шест отсто од БДП што е зголемување за 19 проценти во однос на лани.

Вицепремиерот утре подетално ќе се осврне на македонските искуства со ЈПП и ќе ја претстави Македонија како земја што нуди одлични можности за потенцијалните инвеститори.

На конференцијата „Денови на јавно приватно партнерство“ присуствуваат претставници од преку 250 земји што го потврдува значењето на овој модел во развојот на економијата. Утре во рамки на форумот ќе се одржи и бизнис форум.