Како нова земја членка на НАТО, носиме позитивен придонес за стабилноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан. Ние ќе продолжиме да ги споделуваме европските и евроатлантските основни принципи и вредности. Ние ќе ги поддржиме сите земји од нашето соседство во исполнувањето на нивните стратешки важни цели, особено оние што се поврзани со перспективите на евро-атлантските и европските интеграции, порача Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера“, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“ ("NATO Engages: Innovating the Alliance"), како дел од програмата на Состанокот на лидерите на НАТО во Лондон.
На конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“ ("NATO Engages: Innovating the Alliance"), на која присуствуваше нашата делегација со заменичката на претседателот во владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменик претседателот во владата за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, покрај премиерот Заев на панелот говорник е и претседателот на Полска, Анджеј Дуда.
„Го остваруваме сонот за сите во Северна Македонија. Тоа е остварување на нашата стратешка цел и суверен избор што беше направен пред 25 години. Членството во НАТО е аспирација на многу минати генерации, остварување на нашата сегашна генерација и визија за идните. Со членството во НАТО добиваме стабилност и безбедност. Исто така, тоа значи и подобра перспектива за нашата економија“.
Премиерот Заев истакна дека земјата е силно детерминирана во борбата против организираниот криминал и корупцијата и на континуитет на демократските реформи, а на регионален план ги решивме билатералните спорови со Бугарија и со Грција во 2018 година, без оглед на опструкциите кои постоеја.
„Од земја што генерираше кризи, се трансформиравме во земја што генерира безбедност. Немаме отворени проблеми со соседите. Ние сме единствени во регионот на Западен Балкан од таа перспектива. Договорот од Преспа е најдобриот пример за успех на дипломатијата и дијалогот. Тој стави крај на долг и тежок спор. Проблемот со името беше отворен три децении. Овие беа три децении неизвесност за нашата иднина. Три децении блокирани перспективи за нашиот клучен стратешки интерес“, нагласи Претседателот на Владата Зоран Заев на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“ во Лондон.
Премиерот Заев рече дека достигнувањата на Северна Македонија ги охрабруваат другите лидери во регионот да бидат посветени на одржување на мирот и стабилноста, да ја зголемат регионалната соработка, да го зајакнат економскиот развој и да бидат силно посветени на интеграцијата во ЕУ.
„Ние сме целосно посветени на агендата за реформи во ЕУ. Испорачавме резултати, го спроведуваме договорот од Преспа и реформите дома. За жал, ЕУ не донесе одлука за старт на преговорите и тоа беше грешка што има многу негативни ефекти и го зајакна интересот на трети страни во регионот. Но, за Република Северна Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО", истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев одговараше и на прашања во врска со предизвиците на модерното време, опасноста од сајбер и хибридни напади, потенцирајќи дека нашата земја во партнерство со членките на Алијансата е фокусирана на борбата против овие закани и тие не можат да го загрозат нашиот пат кон НАТО Алијансата.