Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и заменичката на претседателот во владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со Претседателот на Собранието на РСМ Талат Џафери, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски и амбасадорката на САД Кејт Брнз, остварија средба со адмирал Џејмс Фого, командантот на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили во Неапол, која се одржа на носачот на авиони „Хари С. Труман“.
„Минатата недела во Лондон, осетивме што значи да се биде дел од семејството на земјите членки на НАТО. Бевме рамо до рамо со политичките лидери на Алијансата.
Со посетата на носачот на авиони „Хари С. Труман“, еден од најимпресивните репрезенти на моќта и на комплексниот систем за ефикасни оперативни задачи за одржување на безбедноста, мирот и сигурноста во светот и со средбата со адмирал Џејмс Фого, ја комплетираме сликата за најмоќната воено-безбедносна алијанса на светот и за припадноста на Северна Македонија во најсилниот систем на колективна безбедност што обединува речиси 1 милијарда граѓани од демократскиот свет. Најсилните земји во светот се наши сојузници, Северна Македонија е партнер и сојузник со сите нив“, истакна во изјавата за јавноста премиерот Заев.
Претседателот на Владата Заев нагласи дека средбата со Адмирал Фого на носачот „Хари С. Труман“ е јасен сигнал за активното учество на нашата земја во глобалните процеси кои носат мир во светот, како и во процесите во кои заедно со сојузниците се справуваме со сите конвенционални и хибридни закани за сигурноста и безбедноста.
„Стануваме членка на НАТО во еден исклучителен геостратегиски момент, особено важен момент за зоната на влијанија на Југоисточна Европа, во Црноморскиот басен, и во Средоземното море од кое се контролираат три континенти. Но, поддршката на нашите стратешки партнери, особено на САД и на другите членки на НАТО алијансата, создаде услови поканата за членство воопшто да не биде доведена во прашање. Ние сме дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот. Северна Македонија е фактор за стабилност во регионот, гарант на безбедност. НАТО е најсилната гаранција за нашата стабилност, сигурност, неменливост на граници и за зачувување на територијалниот интегритет. А, безбедноста и сигурноста се основата на секоја економија – основата за странски инвестиции, за повисоки плати, за добри работни места, за просперитет“, потенцираше премиерот Заев, и додаде дека гаранцијата за нашата безбедност и стабилност треба да биде поттик сите фактори во земјата да се заложат за спроведување на реформите, за демократија, за владеење на правото и за почитување на човековите права и слободи како вредности што ги делат земјите членки на НАТО.
Заменичката на претседателот во владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, во својата изјава за јавноста рече дека присуството на нашата делегација на едниот носач на авиони Труман, којшто е дел од НАТО флотата на Медитеранот, покажува што ова ќе значи за нашата држава.
„И тој носач на авиони Труман, е дел веќе од нашата одбрана. И тие авиони на носачот, и овие денеска во базата, се дел од нашата одбрана. Сите тие, повеќе од 5000 војници на носачот на авиони, се дел од нашата одбрана, исто како што нашите капацитети, се дел од НАТО системот. За ова се боревме, за ова работевме и за ова нашата држава вложи многу“, нагласи министерката Шекеринска, потенцирајќи што значи да се биде дел од најголемиот и најмоќниот воено политички сојуз.
„Сега е шансата да ги собереме плодовите од НАТО членството, да имаме повеќе шанси за домашни и странски инвестиции, да создадеме повеќе шанси за работни места и повисоки плати и да покажеме дека само со сигурна земја се создава и просперитетна иднина”, рече Шекеринска.
„Хари С. Труман“ еден од 10-те носачи на авиони од класата Nimitz, со должина од 333 мети и носивост од 100,000 тони. Работат на нуклеарен погон, развиваат максимална брзина од 30 наутички јазли (56 км/ч), и максимална сила од 260,000 коњски сили. Бидејќи се на нуклеарен погон, можат да бидат активни на море над 20 години пред да имаат потреба од нова енергија, а работниот век им е над 50 години.
Оваа генерација носачи се најголемите воени бродови што ги имаат САД, и кога пловат се придружени од неколку други бродови (Carrier Strike Group). Nimitz носачите на авиони се екипирани со високо развиена технолошка опрема и наоружување (за дефанзивна и офанзивна употреба), и екипаж од 6.250 воени лица, вклучително и пилотите, има капацитет да смести 90 летала (авиони и хеликоптери), и писта со големина од 1.8 ha.
Тоа е првиот носач на авиони во светот на кој имаат слетано и полетано воени беспилотни летала (воени дронови) во 2012. Пуштен е во употреба во 1998 година, и има добиено 17 награди.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и заменичката на претседателот во владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, на носачот „Хари С. Труман“ беа заедно со премиерот на Бугарија Бојко Борисов, и министерот за одбрана во бугарската влада Красимир Каракачанов.
Изјава на претседателот на Владата на РСМ Зоран Заев при патувањето со адмирал Џејмс Фого на носачат на авиони Хари С. Труман
Минатата недела во Лондон, осетивме што значи да се биде дел од семејството на земјите членки на НАТО. Бевме рамо до рамо со политичките лидери на Алијансата.
Денеска сме во посета на носачот на авиони „Хари С. Труман“, еден од најимпресивните репрезенти на моќта и на комплексниот систем за ефикасни оперативни задачи за одржување на безбедноста, мирот и сигурноста во светот.
Денес, Северна Македонија е дел од најмоќната воена и политичка сила на Светот.
Со оваа средба со адмирал Џејмс Фого, командантот на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили во Неапол, ја комплетираме сликата за најмоќната воено-безбедносна алијанса на светот и за припадноста на Северна Македонија во најсилниот систем на колективна безбедност што обединува речиси 1 милијарда граѓани од демократскиот свет.
Тука сме затоа што најсилните земји во светот се наши сојузници, Северна Македонија е партнер и сојузник со сите нив.
Оваа посета е јасен сигнал дека активното учество во глобалните процеси ни даваат шанса и на нас, да носиме мир во светот. Тоа се процеси во кои заедно со сојузниците се справуваме со сите конвенционални и хибридни закани за сигурноста, безбедноста, и за мирот.
Стануваме членка на НАТО во еден исклучителен геостратегиски момент, особено важен момент за зоната на влијанија на Југоисточна Европа, во Црноморскиот басен, и во Средоземното море од кое се контролираат дури три континенти.
Но, поддршката на нашите стратешки партнери, особено на САД и на другите членки на НАТО алијансата, создаде услови поканата за членство воопшто да не биде доведена во прашање.
Ние сме дел од безбедносен штит на најмоќниот воен сојуз во светот. Северна Македонија е фактор за стабилност во регионот, гарант на безбедност.
НАТО станува најсилна гаранција за нашата стабилност, сигурност, неменливост на граници и зачувување на територијалниот интегритет. А, безбедноста и сигурноста се основата на секоја економија – основата за странски инвестиции, за повисоки плати, за добри работни места, за просперитет.
Добро е што поддршката за НАТО во нашата земја е стабилна и расте. Дури и најголемите скептици почнаа да покажуваат наклонетост кон Алијансата. Тоа значи дека НАТО обединува.
Гаранцијата за нашата безбедност и стабилност за која се уверуваме и тука, на носачот на авиони Хари Труман, нека биде поттик сите фактори во земјата да се заложат за реформи, за демократија, за владеење на правото и за почитување на човековите права и слободи.
Денеска, можевме да видиме само дел од екипата, од опремата, од авионите коишто се на располагање на НАТО.
Како што е нашата војска целосно на располагање на другите 29 земји-членки и народи коишто членуваат во НАТО, така и ова што денес тука го видовме, е на наше располагање и дел од нашите нови капацитети.
Тука потврдивме и дека нашата армија ќе продолжи активно да учествува во мировните операции на Алијансата низ светот. Остануваме фокусирани и понатаму активно да го даваме нашиот придонес за вредности што ги делат земјите членки на НАТО.
Изјава на заменичката на претседателот во владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска на носачот на авиони „Хари С. Труман“
Пред само неколку дена се вративме од Лондон на нашиот прв состанок на лидерите на НАТО земјите членки. И рековме дека после речиси 30 години, нашата држава успеа да стане членка на најмоќниот воено-политички сојуз.
Ако пред неколку дена зборувавме за најмоќниот воено-политички сојуз, денеска на Сицилија и на Медитеранот можевме да видиме што значи тој најголем, најмоќен воено политички сојуз.
Денеска имавме прилика да видиме само мал дел од одбранбените капацитети на НАТО.
Нашето присуство на едниот носач на авиони Труман, којшто е дел од НАТО флотата, овдека на Медитеранот, покажува што ова ќе значи за нашата држава.
И тој носач на авиони Труман, е дел веќе од нашата одбрана. И тие авиони на носачот, и овие денеска во базата, се дел од нашата одбрана. Сите тие, повеќе од 5000 војници на носачот на авиони, се дел од нашата одбрана, исто како што нашите капацитети, се дел од НАТО системот.
За ова се боревме, за ова работевме и за ова нашата држава вложи многу.
Сега е шансата да ги собереме плодовите од НАТО членството. Да имаме повеќе шанси за домашни и странски инвестиции, да создадеме повеќе шанси за работни места и повисоки плати и да покажеме дека само со сигурна земја се создава и просперитетна иднина.