Владата на Република Северна Македонија на својата редовна 171 седница што се одржа во Куманово, донесе Одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина - руди на бакар и злато на локалитетот „с. Иловица”, во општина Босилово.
Со оваа одлука Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина - руди на бакар и злато на локалитетот „с. Иловица”, општина Босилово од 2014 година и Анекс на Договорот од 2015 година, еднострано се раскинуваат од страна на концедентот, бидејќи концесионерот нема поднесено барање со целокупна неопходна документација за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини.
Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи и Одлуката за доделување концесија за експлоатација на минерална суровина-руди на бакар и злато на Друштвото за производство, промет и усуги ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ Скопје на локалитетот „с. Иловица”, општина Босилово од 2012 година.
Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
На оваа седница владата го утврди Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.
Со предлог законот се предвидува можност за утврдување на правен статус на бесправните објекти од значење за Републиката и од локално значење кои се предвидени со Законот за градење или друг закон, а кои претставуваат градежна и функционална целина заклучно со 1 октомври 2019 година.
Предмет на овој закон се и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од Република Северна Македонија односно од единиците на локална самоуправа, кои заклучно со 1 октомври 2019 година се градежна целина, а не и функционална целина.
Предлог законот не ги опфаќа сите видови на бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на Конвенцијата на УНЕСКО, во границите утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион како и станбените згради и доградбите и надградбите на истите.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за финансирање на изградбата на Универзитетски клинички центар на гринфилд локација во Скопје со заеми од Банката за развој при Советот на Европа и Европската инвестициона банка и го задолжи Министерството за финансии да достави известување до Банката за развој при Советот на Европа и Европската инвестициона банка дека Владата на Република Северна Македонија е подготвена во соработка со двете банки да ги преземе сите потребни активности за исполнување на нивните предуслови за Проектот за изградба на Универзитетски клинички центар во Скопје.
На седницата владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од склучување на договор со Владата на САД за набавка на лесни оклопни возила на тркала за потребите на Армијата на Република Северна Македонија и го задолжи Министерството за одбрана да достави информација до Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Северна Македонија за потребата од склучување на ваков договор со САД.
На предлог на Министерство за животна средина и просторно планирање на оваа седница е разгледана и усвоена Информацијата за обезбедување средства за финансирање на пристапен пат до претоварната станица во општина Ранковце со препорака до Јавното претпријатие за државни патишта да направи проценка за изработка на проектна документација и за изградба на патот најдоцна до 16.12.2019.
Патот е дел од проектот за воспоставување на самоодржлив систем за интегрирано управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион, чија вредност изнесува околу 40.000.000 евра. За реализација на овој целокупен проект, со кој трајно ќе се реши управувањето со отпадот за Северно-источниот и Источниот регион, неопходно е да се исполнат одредени обврски од страна на општините и јавните комунални претпријатија од двата региона.
Министрите во владата ја разгледаа Информацијата за проблемите и потребите на техничките факултети на државните универзитети и утврдија препораки за поддршка на одржувањето на континуитет на професорскиот и асистентскиот кадар со предлог за финансиска поддршка на научните проекти кои би се развивале во соработка со индустријата.
Оваа информација ја презентираше Заменик претседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев кој на оваа седница ја образложи и информацијата за дуално образование со предлог концепт за апликација во образовниот систем.
На оваа седница владата го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи. Основната цел на предложените измени и дополнување е заштита на правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување на пензионирани работници од Министерството за внатрешни работи кои правото на пензија го оствариле во периодот од 01.01.1994 година до 20.03.2010 година исклучиво според одредбите на тогаш важечкиот Закон за пензиското и инвалидското осигурување со што ќе се ублажи неправдата на овие пензионирани работници.
Со предложените измени, овие пензионирани работници на МВР ќе се стекнат со право на пензија согласно одредбите од Законот за внатрешни работи од 2010 година, според кои старосната пензија се утврдува во висина од 80% од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.
На оваа седница Владата на РСМ донесе одлука да се формира Совет за координација на безбедносно - разузнавачката заедница, во следниот состав:
- Зоран Заев - претседател на Владата на Република Северна Македонија,
- Садула Дураки - заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи меѓу заедниците,
- Оливер Спасовски - министер за внатрешни работи,
- Радмила Шекеринска - министер за одбрана,
- Никола Димитров - министер за надворешни работи,
- Викторио Димовски - директор на Агенцијата за национална безбедност,
- Еролд Муслиу - директор на Агенцијата за разузнавање, и
- Горан Василевски - раководител на надлежната организациска единица за воена безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана.
Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за престанок на користење на пластична амбалажа во органите на државната управа, и ја задолжи Службата за општи работи и услуги при набавките за потребите на Претседателот на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија, министерствата и органите во состав, секретаријатот и други стручни служби на Владата на Република Северна Македонија и Уставниот суд на РСМ, да не набавува вода и други пијалаци во пластична амбалажа, како и пакувања на шеќер, пластични лажички за мешање на кафе и други пијалаци, пластични сламки, пластични чаши и прибор за еднократна употреба.
Се задолжува Службата за општи работи и услуги и сите министерства и органи во состав, секретаријати и други стручни служби на Владата на Република Северна Македонија кои непосредно набавуваат за свои потреби некои од наведените производи, при објавување на повик за јавни набавки да постават услов дека нема да ја склучи јавната набавка доколку производителот не докаже дека, најмалку за тековната година, ги спровел во целост обврските за проширена одговорност согласно со прописите за посебните текови на отпад и задолжително во понудата да се доставува и „Потврда за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпад од пакување“, односно „Потврда за склучен договор за преземање на обврска за постапување со отпадна опрема која е основа за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпадна опрема“ или, соодветно, „Потврда за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпадни батерии и акумулатори“.