Претседателот на Владата на Република Северна Македонија изрази очекување за нов чист мандат на следните парламентарни избори, продолжување на трендовите на раст на економијата, меѓународни интеграции на државата, функционална правда во неа и доизградба на нашата држава во посакувано место за живеење.
Ова премиерот Заев го соопшти во синоќешното телевизиско интервју.
„Ако нашиот народ издржа на нозе, донесе храбри одлуки, со коишто ги отвори интеграциските процеси, што ги направивме за да носат економија, сега е чесно тој наш народ да почувствува придобивки од тоа. Затоа правиме едно исправање на една неправда, се качуваат сите плати. Свесни сме дека како се качуваат во приватниот сектор, еве ги качуваме и во јавниот сектор, и пензиите ги качуваме во јавниот сектор. Веруваме дека целата таа зголемена потрошувачка, моќ, ќе и помогне дополнително на економијата. Но еден квантен скок на примањата на граѓаните моравме да направиме, за достоинството на животот. Ако добијам цел мандат посветен на економијата верувам дека ќе успееме многу. Да бидеме урнек и пример за сите, интеграциите да дадат прилог во делот на странски инвестиции, користењето на фондовите и на нашите домашни капацитети, знаење, ресурси што постојат, за благосостојба на нашиот народ. Во таков амбиент можеме да очекуваме да си ги задржиме младите тука“ рече премиерот Заев.
Тој додаде дека се создадени услови за тоа во изминатиот две и пол годишен мандат.
„Создадовме амбиент, нашиот Парламент, оваа Влада да ги реши сите историски прашања коишто беа отворени, пред сѐ со соседите, но ги исполнивме и државните стратешки аспирации. Решавајќи ги овие прашања, паралелно со реформите што ги направивме, дочекавме нешто што 30 години безмалку го чекаме, од самостојноста до денес, а тоа е нашето членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Овие работи се за мене исполнети, де факто учествувавме на Самитот на НАТО, останува Шпанија, де јуре тоа да го направи и ќе го направи. Немаме ние отворени прашања со Шпанија, очекуваме Владата таму да се формира и веднаш во процедура шпанскиот Парламент тоа да го заврши.
Исто така и ЕУ, преку Европскиот совет и Европската комисија, верифицираа дека 100 проценти се исполнети условите, односно сѐ што се очекувало од нас.
И претседателот Макрон ги потврди сите наши успеси, сега и треба малку време на ЕУ, значи не е до нас.
Ловориките ќе ги собере нашата земја“ додаде премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, најави реализација на прочистувањето во судството и функционална правда.
„Реформата во секоја област оди прво преку создавање законодавна подлога, потоа и практична реализација, така е и во делот на правосудството. Не правиме ветинг, треба да го разграничиме тоа, ние правиме прочистување во правосудството, согласно постојната законска регулатива. Таму тоа е вградено. Има сериозни алатки во делот на Судскиот совет, во делот на Советот на обвинители, во делот на Антикорупциската комисија... Законската основа е создадена. Никогаш не сакав да дигам телефони на судиите или кој било да врши влијание, да кажува како треба, што треба да прават со процесите, дали побрзо или побавно, како да судат и слично, никој тоа не треба да го прави во државата.
Одговорноста на судиите е сериозна работа, бидејќи земаат плата од граѓаните, од нивната работа зависи делокругот на атмосферата на севкупниот живот во државата, дали ќе има повеќе инвестиции, дали младите ќе остануваат овде, дали ако некој се чувствува дека е правичен има надеж дека ќе дочека правда. Токму заради тоа тргнуваме во еден процес на прочистување и проверка, преку имотот, преку судирот на интереси и преку сето тоа законот што го дава на сите институции, јас верувам дека тоа ќе даде одличен резултат, за на крајот да ја дочекаме правдата, онаква каква што ја очекуваат граѓаните, а тоа е да биде на едно европско ниво.
Во врска со актуелното прашање за мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазици, премиерот најави почитување и практична примена, со сочувување на правата на граѓаните.
„Се групираат работните групи, експертите во институциите како правда, надворешни работи, европски прашања и Кабинет на премиер ќе бидат вградени внатре, за да ги видиме прагматичните аспекти на постапување по барањето на Венецијанската комисија. Да напоменам, овој закон не сплоти. Нема да дозволиме овој закон повторно да не дели. Венецијанската комисија ќе биде испочитувана, а граѓаните правата ќе ги сочуваат, затоа што зборувајќи за правото на јазикот, потврди и Венецијанска комисија, дадовме и повеќе од она што е просек во ЕУ, но сериозноста пред којашто не исправи Венецијанската комисија, дали имаме институционални капацитети е наша должност тоа да го практикуваме и да го имплементираме како партнери во коалицијата, а верувам и опозициските партии што го поддржаа овој закон, заедно сите ќе го изнајдеме решението“, рече премиерот Заев.
Прашан за неговиот натамошен политички ангажман и за коментар на прозивките на претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Заев одговори:
„Јас сум тука, ќе бидам во Скопје, не се враќам во Струмица, освен што таму живеам, ќе работам на сите политички ангажмани, за да можам да го добијам новиот чист мандат, во којшто ќе се посветам дефинитивно, уште повеќе на економските прашања и на севкупните трансформации и реформи на подобро, во нашата земја.
Имам многу да работам, млад човек сум, не сум за пензија, владееја безмалку 12 години, 2 и пол години добив чест, и те како можам да сработам за мојата, за заедничката земја, која е и моја и на господинот Мицковски, ќе се потрудам да останам да ја вршам честа и одговорноста што ми ја даваат граѓаните, на еден чист мандат, на решени меѓународни проблеми, на интегрирана земја, да покажам економија. Граѓаните ќе одлучат, верувам во нивната поддршка и знам дека ќе ја добиеме на следните парламентарни избори, за вистинските трансформации да се случат во државата, што ќе донесат економски стандард, бенефит и економски придобивки за сите граѓани, за нашата земја да ни биде посакувано место за живеење“, рече меѓу другото премиерот Заев во синоќешното телевизиски интервју.