Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски се сретна со Марија Петровиќ, амбасадорка на Република Црна Гора во нашата држава.
На средбата се потврдени одличните односи меѓу двете држави, за коишто е оценето дека одат во нагорна линија како на политички, така и на економски план.
Пренесени се поздрави од црногорскиот премиер, Душко Марковиќ до премиерот Спасовски по стапувањето на должноста, со очекување дека за време на оваа Влада, ќе се случат очекуваното полноправно членство во НАТО и заслужениот исчекор во евроинтеграциите, по се што постигна државата изминатите две и пол години.
Оценето е дека периодот до изборите во април е значен и одговорен и сите политички чинители треба да придонесат кон натамошен евро-атлантски развој на земјата, низ придонес во реформските процеси и организирањето и спроведувањето фер и демократски избори.
Премиерот Спасовски изрази благодарност до премиерот Марковиќ и до Црна Гора за поддршката во процесот на НАТО интеграциите и констатираше дека Република Северна Македонија и Република Црна Гора како рамноправни членки на НАТО, ќе имаат можност за уште поголемо унапредување на односите меѓу државите, во интерес на граѓаните на двете земји.
„Ова е значаен период кога очекуваме исчекори кон двете стратешки цели на нашата држава, како што се полноправното членство во НАТО и напредок во евроинтеграциите и правиме како Влада сѐ што е потребно да продолжат реформите и напредокот, во интерес на овие аспирации. Тоа за граѓаните и за државата значи и економија и подобар животен стандард“, рече премиерот Спасовски.
На состанокот е заеднички констатирано дека постојат услови за поголема економска соработка, на што ќе се посветат државите во иднина.
По изразената благодарност за поддршката од нашата држава на демократските процеси во Црна Гора, заеднички е оценето дека двете држави се развиваат демократски и дека ќе продолжат да си помагаат, во духот на европските вредности и на европскиот развој на општествата.