Премиерот Спасовски и министерката Апостолска во посета на фабриката „Актива“: Поддршката на инвестиција од 5 милиони евра и над 200 нови работни места за граѓаните на Штип како реални ефекти на владините економски политики

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, придружувани од градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, во рамки на теренските активности како дел од агендата за денешната редовна седница на Владата на Република Северна Македонија, ја посетија „Актива“, компанија со домашен капитал која две децении е етаблирана во металопреработувачката индустрија, а од 2014 година влегува и во сегментот на автомобилската индустрија. Компанијата е корисник на мерка од Законот за финансиска поддршка на инвестициите за петгодишен инвестициски проект започнат во 2018 година, со вредност од 5 милиони евра, со кој преку проширување на производствените погони и набавка и интеграција на нова висока технологија ќе се отворат и над 200 нови работни места.

При посетата на компанијата премиерот Спасовски и министерката Апостолска направија обиколка на погоните за производство, непосредно се запознаа со капацитетите и тековните инвестициски активности, со процесите на обработка на секаков вид метали кои се применуваат во автомобилската и машинската индустрија, како и со делот на изработка на челични конструкции. Од страна на менаџментот на компанијата беа информирани за растот кој го остваруваат и за идните развојни планови за проширување и унапредување на производството.

По направениот увид и обиколка премиерот Спасовски и министерката Апостолска изразија задоволство што компанијата ги има препознаено можностите од Законот за финансиска поддршка на инвестициите и користи финансиска поддршка за реализација на нов инвестициски проект со кој се прошируваат капацитетите на производство преку интегрирање на висока технологија и отворање на нови работни места достапни за граѓаните од источниот регион на државата.

Притоа од нивна страна беше истакнато дека оваа посета е одлична можност директно да се согледаат реалните ефекти кои ги испорачува стабилното и предвидливо опкружување за водење бизнис, кое што се создаде со владините економски политики. Спасовски и Апостолска нагласија дека Владата и понатаму цврсто останува на определбата финансиски да ги поддржува успешните компании во реализирањето на нови инвестициски проекти и во зајакнувањето на нивната конкурентност, со што се засилува економскиот раст и развој на земјава, порастот на БДП, и што крајно ќе резултира и со подигање на животниот стандард на граѓаните.