Шкријељ: Отворивме локална канцеларија во Боговиње, овозможуваме еднаков пристап на сите граѓани до социјалните права и услуги

Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ денеска во општина Боговиње ја посети локалната канцеларија за социјални работи во Камењане. Тоа е една од педесетте канцеларии коишто функционираат низ цела држава.

„Преку локалните канцеларии како Влада обезбедуваме еднаков пристап на сите граѓани до социјалните права и услуги. Ова значи дека граѓаните од Боговиње не треба да патуваат до Центарот за социјална работа во Тетово за да поднесат барање за користење на социјалната помош или да остварат друго право од системот за социјална заштита, туку можат да аплицираат во местото  каде што живеат”, изјави Шкријељ.

Градоначалникот на Боговиње Албон Џемаили рече дека отворањето на канцеларијата за социјални работи е многу важна за општината и за граѓаните.

„Ова е општина со 16 населени места. За жителите на сите нив, сега услугите од социјална заштита ќе бидат подостапни, со што се подобрува квалитетот на живот на сите граѓани", посочи Џемаили.

Во Камењане, Шкриjељ и Џемаили го посетија и објектот што ќе се адаптира во градинка, во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги. Оваа градинка ќе овозможи згрижување на 80 деца.

„Продолжуваме со инвестиции во градинки бидејќи грижата за секое дете е врвен приоритет на оваа Влада. Градинките не се само место за згрижување на децата туку и место каде што го осознаваат светот и се воспитуваат. Со проширување на пристапот и подобрување на квалитетот на предучилишните услуги директно се влијае на раниот детски развој. Од Буџетот на државата се издвоени 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години беа инвестирани над 180 милиони денари. Обезбедени се и дополнителни 15 милиони евра од Светска банка за изградба на градинки. Како Влада се грижиме и за кадарот што се грижи за нашите деца и само во последната година платите на воспитувачите се зголемени за 21% што е најголемо покачување до сега”, рече Шкријељ.