Премиерот на Република Северна Македонија Оливер Спасовски во придружба на министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Клиниката за неврохирургија Владимир Рендевски, денеска во Клиничкиот центар го посети реновираниот стационарен оддел при оваа клиника.
Со реновациските зафати на овој оддел, кои се проект на Министерството за здравство, е направена целосна реконструкција на сите болнички соби, кои во најголем дел се преадаптирани во двокреветни, изградени се тоалети со бања и целосно е реновирана инсталацијата за медицински гасови.
Исто така, реконструирана е и собата за полуинтензивно лекување, која ќе биде дел од новиот оддел за ендоваскуларна хирургија по отворањето на хибридната сала.
На свеченото отворање на новиот оддел Премиерот им честиташе на директорот на Клиниката за Неврологија Рендевски и сите вработени и истакна:
„Овој чекор зборува за нашата посветеност насочена кон подобрување на условите за пациентите но и условите во кои работи медицинскиот персонал. За еден месец имавме обнова во две клиники што покажува дека само со работа и посветеност можеме да дојдеме до резултати.“
Спасовски истакна дека овој чекор е важен бидејќи реновациските зафати се случуваат на оддели каде повеќе од 40 години нема ништо вложено и дека граѓаните на Северна Македонија заслужуваат да имаат добри и квалитетни здравствени услуги во соодветни простории.
„Сево ова претставува мотив и за работата на Владата во иднина. Ќе работиме посветено прво да го зголемиме буџетот за здравство, да вложуваме во медицинскиот персонал затоа што е најважно луѓето кои вложувале во сопственото образование, нашите стручњаци да ги задржиме во Македонија од што ќе имаат полза не само нашите граѓани туку и граѓаните во регионот. Најмногу се радувам на пресвртите што се направени во здравството. Овие значајни проекти укажуваат дека приоритетите на оваа влада се здравјето на граѓаните и дека така ќе продолжиме“ - подвлече Спасовски.
Директор на Клиниката за Неврохиругија на свеченото отворање информираше дека во рамки на стационарниот оддел се реновирани 10 болнички соби во вид на апартманско сместување и изрази особено задоволство што е реновирана и детската соба со бања и чајна кујна.
„Со ова овој оддел доби сосема ново лице и можност да даде многу подобрени здравствени услуги на пациентите“ – подвлече Рендевски.
Министерот за здравство Венко Филипче изрази задоволство што со овој чекор се заокружува подобрувањето на инфраструктурните услови, по минатогодишното целосно реновирање на одделот за интензивна нега.
„Во периодот што следи, пристапуваме кон формирање на хибридна сала во рамките на Клиниката, со што пациентите конечно тука ќе ја добијат целосната здравствената услуга и нема да треба да се транспортираат до Клиниката за радиологија или за кардиологија. Ова е последователен чекор на хируршките клиники по реновирањето на Клиниката за дигестивна хирургија, за пластична хирургија, делот со новата сала на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија. Овој стар блок каде што ништо не е направено повеќе од 40 години, заличува на модерен објект кој што нуди соодветни услови за третман и престој на пациентите, но и соодветни услови за работа на медицинскиот персонал“, истакна Филипче.
Министерот за здравство најави дека во следните две недели започнува и реконструкцијата на тоа што се нарекува заеднички простории на хируршките и на интерните клиники: влезовите, коридорите, ургентниот центар и најстариот дел на Клиниката за интерни болести од каде што се движат пациентите и се упатуваат низ Клиниките.