Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски заедно со владина делегација, вечерва присуствуваше и се обрати на свеченоста по повод празникот Сретение Господово и Денот на државноста на Република Србија организирана од граѓанските организации на српската заедница во нашата земја.
Во рамки на манифестацијата која се одржа во Националната установа „Македонски народен театар“ беше организирана богата културно-уметничка програма.
Поздравувајќи ги присутните претставници на српската заедница од земјата и гостите од Република Србија, премиерот Спасовски упати најсрдечни честитки по повод празникот посакувајќи искрени желби за просперитетна иднина на двете земји и успешно продолжување на традиционално добрососедските односи и додаде:
„Со чувство на посебна почестеност ја прифатив поканата да се обратам на овој свечен настан по повод празникот Сретение Господово, кој, воедно, е и празник на државноста на Република Србија.
Настанот на кој присуствуваме вечерва се организира и со поддршка на Владата на Република Северна Македонија и во оваа прилика ги поздравувам и колегите од Владата. Оваа импозантна програма со која ќе биде исполнета оваа вечер, е уште еден придонес во негувањето на нашите традиционално добрососедски односи. Ние сме две блиски и пријателски земји. Немаме отворени прашања. Заеднички сме посветени на унапредување на нашата и на регионалната соработка.
Заеднички работиме и си помагаме на забрзување на интеграцијата во Европската Унија на нашиот регион, врз основа на индивидуални заслуги и резултати на секоја земја посебно.
Нашиот заеднички придонес во одбележувањето на празникот Сретение Господово и денот на државноста на Република Србија, е дел од нашата заложба за континуиран жив и силен интерес за одржување и унапредување на односите меѓу нашите две земји.
Силна алка, на тие односи меѓу Северна Македонија и Србија, е заедницата на Србите во нашата земја и заедницата на Македонците во Србија.
Во таа насока вечерва ја препознавам и културно-уметничката програма за достојно одбележување на големиот празник на српскиот народ. Од презентацијата на српската духовна и црковна хорска музика, преку делата на познатите српски книжевници, до настапот на групата за современи танци „Уна Сага Сербика“, која инспирацијата ја наоѓа во фолклорот на својата земја, како и во фолклорните традиции на другите земји на Балканот.
Почитувани, присутни
Со славењето и почитувањето на празниците на сите заедници во Република Северна Македонија, создаваме традиција за нашите сегашни и идни поколенија за да ги негуваат меѓусебните односи и да ги почитуваат различните културни особености и национално богатство на сите етнички заедници во нашето општество.
Унапредувањето и надградувањето на меѓусебните односи е наша водилка која ќе се пренесе како непроценливо богатство за сегашните и идни генерации.
Нашата меѓусебна почит и вреднување, нашата соработка и врските кои постоеле помеѓу македонскиот и српскиот народ, од секогаш се нашата предност која посветено треба да ја развиваме. Тоа е нашиот заеднички сериозен придонес во изградбата на подобра иднина за нашите народи, за нашите држави и за нашиот регион.
Нашата цел е создавање на одржливо граѓанско општество, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебна почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики. Tокму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво.
Во тоа наше заедништво што се градеше со векови, со свој значаен придонес учествува и српската заедница во Република Северна Македонија. Во определбата на граѓаните на Република Северна Македонија да градиме и негуваме општество еднакво за сите. И тоа се покажува и преку работата на пратеникот во Собранието, господинот Мирослав Јовановиќ.
Во тоа име, и во име на празникот Сретение Господово и Денот на државноста на Република Србија, уште еднаш упатувам најсрдечни честитки и желби за заедничка и среќна иднина. Да живеат нашите две земји и нашите два народи!“, рече премиерот Спасовски во обраќањето на свечената академија по повод празникот Сретение Господово и Денот на државноста на Република Србија, организирана од граѓанските организации и асоцијации на српската заедница во Северна Македонија.