Пуштени во употреба две нови лаборатории за ФИНКИ, дел од владиниот проект

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје доби две нови лаборатории, дел од владиниот проект вреден 60 милиони евра.

Едната лабоработија е за софтверско инженерство и тестирање, а другата е за еко информатика. Двете, како што рече премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на отворањето, се значајни како за студентите, професорите, научните работници и за приватниот сектор.

Лабораторијата ќе овозможи сертифицирање на софтверите во земјава, бидејќи досега во Македонија не постоеше институција во која можеше да се направи тоа. Втората лабораторија, пак, ќе прибира многу информации за водата, воздухот и почвата што на Македонија и е потребно.

- Правиме еден значаен чекор во Македонија кој, за жал, бил запоставен во изминатите 30-40 години. По една таква голема пауза овие две години правиме огромен скок во делот на набавка на лаборатории кои се значајни и за земјата и за научниот кадар и за студентите, рече Груевски.   

Опремата ќе  може да ја користат сите факултети во Македонија бесплатно, а приватниот сектор со  мал надомест. Лабораториите се сместени на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Досега од владиниот проект се пуштени во употреба 17 лаборатории на факултетите во земјава.