ОБСЕ шест месеци ќе го ќе финансира престојот на 90 Ромчиња во градинките

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и заменик шеф на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија Наталија Дрозд денеска потпишаа Меморандум со кој се предвидува оваа организација да го финансира престојот во градинки за 90 деца Роми, запишани во рамките на Проектот за вклучување на децата од ромската заедница во претшколските установи.

- Со задоволство сакам да констатирам дека во 2006 година започнавме скромно со вклучување на 211 деца Роми во 15 општини во државава, но со голема желба оваа бројка да расте. И порасна. Годинава во детските градинки вклучивме 400 деца во 18 општини. Во изминативе години, од 2006 до јуни 2011 година со проектот се опфатени 1.257 деца Роми. Од 200 до 1200. Ќе признаете, оваа бројка е за респектирање, а проектот е еден од поуспешните во рамките на Декадата на Ромите, истакна при потпишувањето на Меморандумот министерот Ристовски.

Тој појасни оти од денес до 30 јуни ОБСЕ ќе го финансира престојот на 90 деца Роми кои се запишани во рамките на проектот во јавните предучилишни установи, во 17 општини. Дополнително, ОБСЕ ќе се вклучи и во мониторинг на проектот, при што ќе се врши посета на детските градинки, во кои проектот се имплементира.

Наталија Дрозд смета дека овој проект досега се покажал како мошне успешен и оти Владата во својата политика за инклузија на Ромите во оштеството ги зема предвид препораките на ОБСЕ.

Вклучувањето на децата Роми во претшколските установи, рече, ќе помогне во нивното прилагодување за вклучување во основното и средното образование. Според неа, исто така, тоа ќе помогне и во борбата за сузбивање на појавата на деца на улица, кои можат да станат жртви или да бидат вовлечени криминални дела.