Македонската полиција ќе се едуцира како да го имплементира британскиот разузнавачки полициски модел

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и амбасадорот на Велика Британија Кристофер Ивон денеска потпишаа меморандум за соработка за финансирање на проектот „Профилирање на британскиот модел на криминалистичко разузнавање во Македонија“.

Вработените во Центарот за сузбивање сериозен и организиран криминал ќе имаат можност да се запознаат, едуцираат и да го имплементираат британскиот разузнавачки полициски модел, една од најстарите и најквалитетни полициски практики во борбата против сите облици организиран криминал.

Имплементацијата на проектот што треба да заврши до 31 јуни годинава ќе биде изведена од тим за меѓународни проекти од британското МВР, а е во вредност од 46 илјади британски фунти односно 3,3 милиони денари.

Овој модел базиран на анализата на податоците и разузнавањето, појасни Јанкулоска, придонесува за квалитетно, објективно донесвуање одлуки, кои пак помагаат во намалување и спречување на криминалот.

- Моделот прв пат е воведен во Велика Британија и подразбира пристап од горе па надолу при спроведвуањето на законот. Разузнавачките податоци стигнуваат до оние кои ги носат одлуките на извршно ниво, а потоа се проследуваат надолу за доделување оперативни задачи, рече меѓу другото министерката за внатрешни работи Јанкулоска.

Амбасадорот Ивон изразувајќи благодарност до сите кои се залагаат за имплементација на овој проект, потенцира дека британската Амбасада години наназад дава голем придонес и помош за македонското општество во делот на владеењето на правото и зајакнувањето на институциите.

- Ние во Обединетото Кралство постојано сме во фаза на унапредување и токму со овој проект имаме можност да го споделиме нашето искуство во однос на континуирано унапредување со вашата полиција, рече Ивон, додавајќи оти станува збор за полициско работење кое се темели на разузнавачкиот модел односно станува збор за процес кој самиот по себе се смета за интелигентен.