Средба на министерот Димовски со претставници на Федерацијата на фармерите

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски,  денеска одржа работен состанок со претставници на Федерацијата на фармерите во Република Македонија, на кој стана збор за состојбите во неколку сектори од земјоделското производство, вклучително и сточарството, лозарството, овоштарството и земјишната политика.

- Неопходно е интензивирање на воспоставената соработка меѓу земјоделските здруженија и институциите на системот со цел зајакнување и унапредување на земјоделското производство во Република Македонија и насочување на фармерите кон професионализација на бизнисите во земјоделството. Во оваа насока, окрупнувањето на земјоделските парцели, но и намалувањето на поголемиот дел од влезните давачки во производството се  неколкуте приоритети на кои мора со заеднички сили да работиме во интерес на развој на секторот,  рече министерот Димовски.

Измените на  постоечките и неколкуте нови закони од областа на земјоделското производство, како што најави министерот Димовски, се во насока на создавање поповолни услови за стопанисување од страна на земјоделците. Во завршна фаза е подготовката на новиот Закон за пасишта и измените на Законот за земјоделство и рурален развој кои во најголемиот дел се однесуваат на клучните сектори во земјоделското производство, а се во насока на професионализација на фармерите како вршители на  земјоделска дејност.

Предложените новини  во основниот закон од облста на земјоделското производство, додаде министерот Димовски, во иднина ќе направи разграничување на професионалните од хоби фармерите, што од една страна  води кон развој и осовременување на земјоделството во целина, а од друга страна кон професионализација на земјоделството и зголемување на  потенцијалот за развој.

Претставниците на Федерацијата на фармерите посочија дека еден од најголемите прблеми со кој се соочуваат македонските земјоделци сега се застарените системи за производство, а со тоа и недоволната моќ како производители да бидат конкуретни на пазарот. Андрија Секуловски, претседател на Федерацијата, во име на фармерите истакна дека субвенциите се од голема помош во земјоделството, но дека се уште треба да се работи на нивна едукација, на нив да не гледаат како на социјална категорија, а на земјоделството да се посветат како на сериозен бизнис.

Министерот Димовски ги покани претставниците на Федерацијата со свои предлози  да се вклучат во подготовката на тригодишната програма за субвенционирање, бидејќи, како што потенцира,  за Министреството за земјоделство, како и досега, од непроценлива важност е во неа да се вградат вистинските потреби на производителите.