Груевски: Нема да има намалување на субвенциите во земјоделството, земјоделците да бидат спокојни

Субвенциите во земјоделството нема да се намалат и земјоделците ќе ги добијат средствата и покрај случувањата во Европа од должничката криза.

- Нема да отстапиме од она  што е предвидено во изборната програма и покрај тешкотиите кои дојдоа поради новата европска должничка криза. Минатата година беа доделени 115 милиони евра, а годинава 130 милиони за субвенции за земјоделството. Тоа ќе се реализира. Програмата е усвоена и објавена и независно како ќе се одвиваат економските текови на подобро или полошо земјоделците може да бидат спокојни дека ќе ги примат средствата, изјави премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба две лаборатории за ФИНКИ.

Тој додаде дека Владата стои на тоа што е објавено уште пред повеќе години кога, како што истакна, се уште не беше започната светската економска криза, а не пак европската должничка криза. - Стоиме зад бројките што ги објавивме тогаш и ги исполнуваме, нагласи премиерот Груевски.