Груевски: Жалам за случајот во Гостивар, сите треба да инвестираме во меѓусебната почит

Претседателот на Владата Никола Груевски денеска изрази жалење за случајот со двојното убиство во Гостивар и изрази сочуство до семејствата на убиените. Притоа тој истакна дека припадниците на сите заедници во земјата треба да инвестираат во меѓусебната почит.

- Случајот во Гостивар е трагичен настан за три семејства, но и воопшто за целиот град, за целата држава. Сите ние бевме потресени од она што се случи. Жалам за сето тоа што се случи и изразувам сочуство до семејствата на загинатите. Секој понатаму треба да се грижи и да бори колку што може да се избегнуваат вакви инциденти, особено кога настануваат за банални работи како што се паркирање на возило и слично, рече премиерот Груевски, кој присуствуваше на врачувањето на националните пензии на четириесетина македонски уметници.   

Човечкиот живот, додаде тој, има висока цена и тоа треба да се почитува, а сите ние треба да инвестираме во меѓусебната почит и како луѓе и исто така како различни етнички и верски заедници.